Што прават владите во светот за да го олеснат падот на животниот стандард на граѓаните

101

Прекините на глобалните синџири на снабдување предизвикани од пандемијата и ефектите од руската војна во Украина предизвикаа зголемување на цените на енергијата, стоките и основните артикли, со што се поттикна криза во животниот стандард – како владите реагираат на овој проблем?

SEEbiz објави дека најголемата европска економија планира да воведе данок на цената на гасот за сите потрошувачи од 1 октомври. Дополнително, во јули германската влада најави државна помош од 15 милијарди евра за Uniper, најголемиот увозник на руски гас во земјата. Исто така, го намали данокот на бензин и дизел и нагло ги намали трошоците за јавниот превоз.

Францускиот парламент на 3 август усвои пакет помош за борба против инфлацијата во вредност од 20 милијарди евра. Французите решија да ги зголемат пензиите и некои форми на социјална помош и им дозволија на компаниите да им плаќаат на вработените повисоки бонуси без данок во обид да ја зголемат куповната моќ на домаќинствата.

Еден ден по Франција, Италија го одобри својот пакет помош во вредност од околу 17 милијарди евра со цел да се намалат сметките за струја и гас, а оваа сума всушност се надополнува на веќе потрошените 35 милијарди евра од јануари, а кои беа наменети за ублажување на последиците на зголемените трошоци за струја, гас и бензин.

Во јули, Полска воведе помош во форма на „одмор oд плаќање“ за граѓаните со заеми во националната валута, злоти. Тој мораториум им овозможи да прескокнуваат плаќања осум месеци во период од две години.

Американскиот Сенат во неделата го одобри Законот за намалување на инфлацијата од 2022 година, план од 430 милијарди долари кој, меѓу другото, ги намали трошоците за лекови на рецепт, ги зголеми некои корпоративни даноци и воведе мерки за поттикнување на енергетската ефикасност.

Во мај, Индија воведе ограничувања на извозот на прехранбени производи, вклучувајќи пченица и шеќер, кои сочинуваат речиси 40 отсто од индексот на потрошувачките цени. Го намали и данокот за увоз на масло за јадење.

Јапонија во април одобри пакет помош од 103 милијарди долари за да го ублажи економскиот удар од зголемените трошоци за суровини. Така, беа воведени субвенции за намалување на цените на бензините како и готовински плаќања за домаќинствата со ниски приходи со деца. Јапонскиот премиер Фумио Кишида посочи дека може да има дополнителни потези доколку продолжи кризата во животниот стандард.

На почетокот на јули, Турција ја зголеми минималната плата во земјата за околу 30 отсто, додавајќи на зголемувањето од 50 отсто на крајот на минатата година.

Надвор од Европа има примери на Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, кои најавија зголемување на трошоците за социјална помош на почетокот на јули. ОАЕ ја удвои финансиската помош за семејствата со ниски приходи на вкупно 7,6 милијарди долари, додека саудискиот крал Салман одвои дополнителни 5,42 милијарди долари за истата цел.