Што се хартии од вредност?

1089

office-pen-calculator-computation-163032

Фото: Pexels

Хартиите од вредност представуваат документи на коишто се ветува исплата на пари, камати, заработка или девиденда. Во потесна смисла, хартиите од вредност се инвестициски инструменти, односно тие се хартии од вредност кај коишто постои ризик од вложување којшто се компензира со потенцијална заработка.

Во оваа група спаѓаат акции, обврзници, опции, деривати… Овие хартии се израз или сопственички (акции) или индиректно сопственички (опции) или кредитен (обврзници) аранжман. Тие се продаваат или купуваат на специјализиран финансиски пазар т.н. пазар на капитал и претставуваат група на финансиски инструменти со коишто се тргува на финансиските пазари.

Во поширока смисла, во хартиите од вредност припаѓаат и инструментите како што се кредити и плаќање, чекови, меници, коносмани и слично.

Според одредбите на законите за облигации, хартиите од вредност се дефинираат како писмени исправи во коишто е загарантирано извесно право, коешто може да се оствари единствено со имањето на тие исправи. Хартиите од вредност имаат строго пропишана форма бидејќи треба во себе да ги содржат следните елементи:

  • Видот на хартијата од вредност;
  • Фирмата, односно името и седиштето на фирмата, односно името и седиштето на издавачите на хартии од вредност;
  • Фирмата, односно нејзиното име или името на лицето на коешто хартијата од вредност гласи, односно означува дека хартијата од вредност гласи на доносител;
  • Точно означената обврска на издавачот којашто произлегува од хартијата од вредност;
  • Местото и датумот на издавање на хартијата од вредност, а кај хартиите од вредност што се издаваат во серии и нејзиниот сериски број;
  • Потпис на издавачот на хартијата од вредност.

Покрај овие битни елементи одредени хартии од вредност можат да имаат и други елементи и тие се пропишуваат со посебни законски прописи коишто најчесто се однесуваат за една или за повеќе хартии од вредност. Хартиите од вредност што не ги содржат основните елементи и елементите пропишани со посебен закон не важат како хартии од вредност.