Скоро 95% помалку странски гости во јули – најмногу од Турција

28

Од вкупниот број на туристи, што ја посетиле земјава во јули, најбројни биле гостите од Турција, покажуваат податоците на Македонската статистика.

Од вкупно 4.991 странски турист кој ја посетил земјава во јули, 15% или 749 се од Турција. Потоа следуваат гостите од Србија (616) и од Грција (488).

Во текот на јули, по еден странски турист ја посетил земјава од Јужна Африка и Малта.

Вкупниот број на туристи во јули оваа година изнесува 75.591, а бројот на ноќевањата изнесува 436.180. Бројот на туристи во јули 2020 година, во однос на јули 2019 година, е намален за 56 %, а бројот на ноќевањата е намален за 36,1%.

Бројот на домашните туристи во јули 2020 година, во однос на јули 2019 година, е намален за 4,8%, а бројот на странските туристи е намален за 94,9%. Бројот на ноќевањата на домашните туристи во јули 2020 година, во однос на јули 2019 година, е намален за 6,3%, а бројот на ноќевањата на странските туристи е намален за 93,4%.

Во периодот јануари ‒ јули 2020 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е намален за 67,4% и тоа: кај домашните туристи има намалување за 43,9%, а кај странските има намалување за 79,6%. Во периодот јануари ‒ јули 2020 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на ноќевањата е намален за 56,6% и тоа: кај домашните туристи има намалување за 30,8%, а кај странските има намалување за 80,3%.

Фото: Pixabay