Со 10-те најтргувани акции направен промет од 20,7 милиони евра

82

Вкупниот промет реализиран со 10-те најтргувани акции на Официјалниот пазар на Македонска берза (без блокови) во вториот квартал од 2021 година изнесуваше 1,169,055,837.67 денари (околу 20,78 милиони евра) и претставуваше 93,59% од вкупниот квартален промет остварен на Официјалниот пазар, односно е на приближно исто ниво со прометот реализиран со 10-те најтргувани акции на Официјалниот пазар во вториот квартал од 2020 година, кога прометот со истите хартии од вредност учествуваше во вкупниот промет остварен преку класично тргување со 93,99%.

Ова го покажува Кварталниот извештај на Комисијата за хартии од вредност.

Во периодот април-јуни 2021 година, на Официјалниот пазар, топ четири најтргувани беа акциите издадени од Комерцијална банка АД Скопје со вкупен промет од 380,95 милиони денари (околу 6,19 милиони евра), потоа следат акциите издадени од Алкалоид АД Скопје со вкупен промет од 178,0236,42 милиони денари (околу 3,84 милиони евра), па акциите на Гранит АД Скопје со вкупен квартален промет од 130,87 милиони денари (околу 2,13 милиони евра) и на крајот акциите на Македонски Телеком АД Скопје со вкупен промет од 130,56 милиони денари (околу 2,12 милиони евра).

Состојбата со десетте најтргувани акции на Официјалниот пазар била слична и во вториот квартал од 2020 година, односно и во тој квартален период приматот го имале акциите на издавачите Комерцијална банка АД Скопје и Алкалоид АД Скопје, додека на трето место била акцијата на Макпетрол АД Скопје, по што следи акцијата на издавачот Гранит АД Скопје.

Податоците за пазарната капитализација на десетте најтргувани акции на Официјалниот пазар во вториот квартал од 2021 година покажуваат раст на пазарната капитализација од 23,95% споредено со истиот период во 2020 година.

Најголем квартален раст на пазарната капитализација е евидентиран кај акцијата на издавачот НЛБ Банка АД Скопје од 19%, по што следуваат акциите на издавачите Гранит АД Скопје и Комерцијална банка АД Скопје, додека во истиот период најмал квартален раст на пазарната капитализација е евидентиран кај акцијата на Стопанска банка АД Скопје од помалку од 1%.

Фото: Facebook