Стартува гасификацијата на скопскиот регион, проект вреден 100 милиони евра

37

gassdfdfdggg Стартува проектот за гасификација на скопскиот регион со кој ќе бидат опфатени 17 општини. Инвестицијата од околу 100 милиони евра ќе се реализира за пет години по принципот на јавно приватно партнерство, а дел од дистрибутивната мрежа ќе биде пуштен во работа во 2016 година. Изградбата на дистрибутивниот систем во должина од 250 километри ќе почне во 2015-та и до 2019-та треба да се реализираат најмалку 70% или 175 километри.
Проектот ќе биде изведен по сите стандарди, не парцијално, туку интегрално, без импровизации, туку со цврсти планови и програми.
Јавниот повик за изнаоѓање приватен партнер ќе биде објавен во следните неколку дена, а ќе трае до 25 мај годинава. Договорот ќе се однесува на период од 20 години по што, системот за природен гас ќе се пренесе во сопственост на државата.
Со гасификацијата, освен општините во Скопје, опфатени ќе бидат уште седум од околината, Сопиште, Зелениково, Студеничани, Петровец, Илинден, Чучер Сандево и Арачиново.
Во следните неколку месеци ќе бидат донесени физибилити студиите и за останатите општини во Македонија и ќе почне процедурата за изнаоѓање концесионери. Целиот процес треба да заврши за два до три месеци.
Со приклучениот конзум на дистрибутивните системи во скопскиот регион, годишно ќе се супституира електрична енергија еднаква на годишното производство на ТЕ Осломеј, ќе се супституира околу 25.000 тони екстра лесно масло за горење и ќе се супституира околу 320.000 метри кубни дрва, што значи големо влијание во намалување на загадувањето и големо позитивно влијание во екологијата и заштитата на природната средина.
По периодот од пет години се очекува да биде изграден најголемиот дел од мрежата. Се планира продолжување на градбата со помал интензитет, оперирање и развој. Предвидена е изградба на околу 250 километри примарна дистрибутивна мрежа, при што во првите пет години од потпишувањето на договорот ќе биде задолжително да се изгради најмалку 70%, односно 175 километри од целата предвидена дистрибутивна мрежа, и тоа со обврска да биде изградена најмалку по 51% од предвидената мрежа во општините Аеродром, Центар, Кисела Вода, Карпош, Ѓорче Петров, Гази Баба, Чаир и Бутел и најмалку по 20% во секоја од останатите помали општини од скопскиот регион поединечно.
Останатиот дел до задолжителните 70% ќе ги определи приватниот партнер во зависност од динамиката на приклучување на територијата на 17-те општини и од интересот за приклучување, во консултација со државата.
Во општините со повеќе населени места обврска на приватниот партнер е да изгради дистрибутивен систем во населеното место со најголем број станбени единици. За секое друго населено место од општината, освен она најголемото согласно бројот на станбени единици, каде интерес за приклучување ќе искажат 20%-25% од граѓаните, приватниот партнер ќе треба да овозможи реализација на дистрибутивен систем на природен гас.
На повикот ќе се бара приватен партнер кој има искуство во оперирање со дистрибутивни системи за природен гас во урбани средини подолго од 5 години, системите за дистрибуција на природен гас со кој оперира треба да имаат повеќе од 40.000 корисници и да има вкупен годишен приход, не помал од 40 милиони евра на годишно ниво. Исто така, приватниот партнер ќе биде задолжен да овозможи секој заинтересиран корисник да плати приклучна такса од 1,25 евра по метар квадратен станбен простор или 100 евра за станбена единица од 80 метри квадратни. За куќа од 240 метри квадратни приклучната такса би изнесувала околу 300 евра. Приклучната такса за комерцијалните објекти ќе биде исто 1,25 евра по метар квадратен корисна површина.
Според анализите, заштедата на граѓаните кои за загревање користат парно, дрва, струја и екстра лесно гориво ќе бидат драстично намалени. Доколку објект што се грее на парно биде приклучен на природен гас годишно ќе заштеди 24% ако е за домување или 30% ако е комерцијален.
Објектите кои се греат на електрична енергија, со приклучување кон дистрибутивниот систем за гас, годишните трошоци за енергија ќе им се намалат за 35% ако се објекти за домување или за 44% ако се останати објекти. Доколку кон дистрибутивниот систем за природен гас се приклучат објекти кои се греат со локални извори на топлина, а како гориво користат екстра лесно масло за горење (ЕЛМГ), за нив намалувањето на годишните трошоци ќе биде 54% за објекти за домување и 16% за останати објекти. Доколку кон дистрибутивниот систем за природен гас се приклучат објекти кои се греат со локални извори на топлина, а како гориво користат течен нафтен гас (ТНГ) намалувањето на годишните трошоци за нив ќе биде 51% за објекти за домување и 9% за останати објекти. Доколку кон дистрибутивниот систем за природен гас се приклучат објекти кои се греат со локални извори на топлина, а како гориво користат дрва, намалувањето на годишните трошоци ќе биде 7% за објектите за домување.