USAID го започнува Проектот за Микро и Мали Претпријатија во Југоисточниот регион

30

Американската агенција за меѓународен развој (USAID) во Струмица го започна својот нов Проект за Микро и Мали претпријатија во Југоисточниот регион.

Преку овој проект се поддржува растот на претприемачите на микро и малите претпријатија, со разменување на искуства, совети, поддршка при извозот и инвестиции.

“Проект на USAID за Микро и Мали Претпријатија е уникатна можност за добивање на обука и практично знаење, услуги за подршка на бизниси, и финансиски капитал во најпригодната форма, сите насочени кон стимулирање на повисока стапка на раст и создавање на работни места во секторот за мали и микро претпријатија”, вели Татјана Марковска, проект менаџер во канцеларијата за економски развој на USAID Македонија.

Одговорен за спроведување на проектот е Центарот за Развој на Претприемачи и Менаџери (CEED) Македонија, кој во текот на изминатите пет години нуди програми за обучување на менаџери и претприемачи.

Овој проект, кој ќе биде спроведен во Скопскиот, Полошкиот, Вардарскиот и Југоисточниот регион на Македонија, е специјално дизајниран за микро и мали претпријатија кои имаат висок потенцијал за раст.

“USAID со гордост влегува во партнерство со CEED Македонија. Низ светот, USAID го зголемува финансирањето на локални организации за да ги изгради нивните капацитети и да ја обезбеди нивната долготрајна одржливост. Всушност, USAID Македонија го зголеми финансирањето на македонските невладини организации од 700.000 долари во фискалната 2010 година на 3,4 милиони долари во фискалната 2011. Планираме да го зголемиме овој износ во текот на наредните неколку години”, информираат од организацијата.

USAID работи со граѓаните на Македонија на повеќе аспекти и тоа: создавање на работни места, засилување на демократските институции и пракси, подобрување на интегрираното образование и подготвување на учениците за влез работната сила.

Организацијата обезбедува економска и хуманитарна помош во повеќе од 100 земји во светот.