Заврши третиот циклус на Виртуелна берза

45

makedonska berza

На 30-ти минатиот месец, заврши третиот циклус од наградната игра што се организира во рамки на едукативниот портал на Македонска берза – Виртуелна берза. Овој циклус започна во октомври минатата година и во наградната игра беа вклучени околу 300 учесници кои преку Виртуелната берза стекнаа практично искуство од тргување со хартии од вредност.

На секој регистриран учесник му беа доделени 500.000 денари виртуелни пари со коишто виртуелно се купуваа акции што котираат на Македонска берза по реални цени постигнати од тргувањето. Покрај едукативниот карактери, оваа игра има за цел кај секој учесник да стимулира остварување на најголема вредност на своето портфолио.

По завршувањето на третиот циклус на Виртуелна берза, најуспешен учесник беше Анен Калач од Велес, кој во текот на повеќемесечното виртуелно тргување успеа иницијално добиените 500.000 денари да ги инвестира во различни акции и играта да ја заврши со највисока вредност на своето портфолио од 3.067.196 денари.

На второ место е Ирина Желева од Штип со остварена вредност на портфолиото од 2.989.536 денари, додека трет најуспешен учесник е Марјан Мишовски од Скопје кој постигна вредност од 2.899.656 денари на портфолиото.

Македонската берза на тројцата најуспешни учесници ќе им додели соодветни награди кои се состојат од годишна претплата на продуктот Бестнет за следење на тргувањето на Македонска берза (по избор на добитникот), доделување на Прирачник за тргување со хартии од вредност, како и можност за едномесечна пракса на Берзата доколку добитниците се студенти на додипломски и постдипломски студии.