Зголемен прометот во индустријата во мај

16

Прометот во индустријата во мај оваа година, во однос на истиот период лани, е зголемен за 13,2%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Прометот во индустријата остварен на домашниот пазар во мај 2016, во однос на мај 2015 година, бележи опаѓање од 1,1%, а индексот на прометот остварен на странските пазари бележи пораст од 17,6%.

Гледано по сектори, прометот во индустријата во секторот Рударство и вадење на камен во мај 2016 година, во однос на мај 2015 година, бележи опаѓање од 46,3%, а во секторот Преработувачка индустрија бележи пораст од 15,7%.

Според главните индустриски групи, прометот во мај 2016 година, во однос на мај 2015 година, бележи пораст кај Интермедијарни производи, освен енергија за 1,8%, Капитални производи за 38,8% и Tрајни производи за широка потрошувачка за 11,4%, додека опаѓање бележи кај Нетрајни производи за широка потрошувачка за 1,9%.

Прометот во индустријата во мај 2016 година, во однос на април 2016 година, е непроменет, додека во периодот јануари – мај 2016 година, во однос на периодот јануари – мај 2015 година, е зголемен за 11,4%.