Ангеловска-Бежоска: За да се оствари стабилен економски раст клучни се зголемувањето на продуктивноста, вложувањето во човечкиот капитал, структурните реформи и дигитализација

41

Со навестувањето на постпандемискиот период, време е да се размисли како непречено да се заменат општите економски политики со поспецифични, секторски политики што ќе ја олеснат оптималната прераспределба на ресурсите и посткризната трансформација на економиите, со цел да се зголеми потенцијалот за поголем економски раст. Со цел да се отстранат економските лузни од пандемијата, треба да се зајакне отпорноста на економиите и да се стимулира растот на продуктивноста. Притоа, треба да се продолжи и со решавањето на претпандемиските структурни прашања, но и да се биде во чекор со постпандемичните потреби што се појавуваат, особено во областа на дигитализацијата.

Ова го истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на Регионалниот собир на гувернери, којшто се одржа во Ровињ, Хрватска.

Во своето излагање, таа се осврна и на потребата од вложување во инфраструктурата, особено во информатичката инфраструктура, како основа на новата економија, со цел да се забрза дигиталната трансформација на економиите.

“Иако е очигледно дека трендот на дигитализација беше забрзан и зајакнат од здравствената криза, треба да се вложат поголеми напори за надградба на инфраструктурата, проширување на пристапот до информатичко-комуникациската технологија, промовирање ефективна и широко распространета транзиција на многу активности на дигитални платформи и затворање на дигиталниот јаз во економиите. Ова ќе ги зголеми придобивките во продуктивноста преку побрзо усвојување нови производи и процеси и ќе му овозможи на приватниот сектор непречено приспособување кон промените што ги носи здравствената криза“, истакна гувернерката на Народната банка.

Покрај тоа, како што посочи таа, со зголемувањето на “традиционалните” инвестиции во транспортот, здравството и енергијата би се подобрила конкурентноста и би дошло до повеќе вработувања, со што земјите би станале поотпорни и одржливи.

“Квалитетот на работната сила е еден од клучните предуслови за подигнување на можностите за одржлив економски раст и затоа треба да се цели кон зголемување и трансформирање на човечкиот капитал во економијата, паралелно со дигиталната трансформација. Оттука, треба да им се посвети посебно внимание на заживувањето и трансформацијата на човечкиот капитал, преку пренасочување и зголемување на квалификациите за нови вештини, што треба да биде поддржано со зголемени инвестиции, особено во вештините за новите постпандемиски работни места и со активни политики на пазарот на трудот, со што ќе се ублажат некои од структурните проблеми на пазарот на трудот“, нагласи Ангеловска-Бежоска.

Во дискусијата, Ангеловска-Бежоска се осврна и на прашањата за инфлацијата, при што беше истакнато дека во целиот регион, во овој период, се забележуваат ценовни движења коишто се под влијае на растот на глобалните цени, при што е потребно постојано следење на состојбите, иако сепак се очекува нормализација веќе следната година, за кога се очекува пад на цената на примарните производи на светските пазари.

Ангелоска-Бежоска го искористи учеството на високите претставници на централните банки од регионот на овој клучен собир и за повеќе билатерални средби со своите колеги од другите централни банки, при што беа резимирани согледувањата од досегашното искуство со пандемијата и влогот на централните банки, а се разговараше и за натамошно продлабочување на соработката, како на регионално, така и на билатерално ниво.

На настанот учествуваа гувернери на централни банки од речиси сите земји од регионот.