Добиена дозвола за преземање на Скопски пазар

98

Комисијата за хартии од вредност (КХВ) донесе Решение со кое на Современ дом АД Прилеп и на ЗСФ КОМ ДООЕЛ увоз-извоз Скопје се издава дозвола за давање заедничка понуда за преземање на Скопски пазар АД Скопје.

Понудата за преземање се однесува на 29.256 обични акции со право на глас издадени од Скопски пазар АД Скопје, кои преставуваат 41,24% од вкупниот број на обични акции. Во моментот на поднесување на понудата за преземање, Современ Дом АД Прилеп веќе поседува 17.590 обични акции од Скопски пазар АД Скопје, што претставува учество од 24,80% од вкупно издадените акции со право на глас на овој издавач, а додека ЗСФ-КОМ ДООЕЛ увоз-извоз Скопје има 16.120 обични акции од Скопски пазар АД Скопје, односно 22,72 % од вкупно издадените акции со право на глас на овој издавач.

Согласно член 12 од Законот за преземање на акционерски друштва, оваа понуда е дадена во случај на заедничко дејствување, односно како заедничка понуда за преземање. Преземањето на хартиите од вредност ќе се врши по цена од 6.500 денари по акција. Преземачите не ја утврдиле најмалата количина на хартии од вредност која треба да се прифати, за понудата за преземање да се смета за успешна.

Поради зачестените барања за мислење во врска со настапување на домашни и на странски лица како т.н. Introducing Brokers, Комисијата донесе став според кој домашните брокерски куќи/банки не смеат да се јават во улога на т.н. Introducing Brokers, поради фактот што се лиценцирани да вршат услуги согласно Законот за хартии од вредност односно Законот за инвестициски фондови.

Исто така на седницата, Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија обнови и три дозволи за работа со хартии од вредност.

Фото: Pexels