Физичките лица најмногу подигнуваат потрошувачки и станбени кредити

48

Според намената на одобрените кредити на физичките лица, во август кај најзастапените категории ‒ потрошувачките и станбените кредити е забележан месечен раст од 0,7% и 0,6%, соодветно, додека годишниот раст е еднаков кај двете категории и изнесува 12,4%, покажуваат податоците на Народна банка.

Овој месец, автомобилските кредити бележат месечен пад од 1,1%, додека на годишно ниво се зголемени за 5,8%. Кредитите одобрени на кредитни картички се непроменети во споредба со претходниот месец, додека на годишно ниво се намалени за 2,0%.

Кај негативните салда на тековните сметки е евидентирано месечно и годишно зголемување од 1,2% и 2,4%, соодветно, додека кредитите одобрени врз други основи остварија месечен и годишен пад од 0,6% и 8,6%, соодветно.

Вкупните депозити на домаќинствата, во август, бележат месечен раст од 0,4%, што се објаснува со зголемувањето на краткорочните депозити во странска валута, депозитните пари и долгорочните депозити. Стапката на годишен раст кај овие депозити во август изнесува 9,1%, а е резултат на растот кај сите компоненти, со поизразено учество на депозитните пари и краткорочните депозити во странска валута.

Вкупните кредити на домаќинствата забележаа месечен и годишен раст од 0,6% и 9,4%, соодветно. Анализирано според валутната структура, најголемо учество во месечниот раст имаат кредитите одобрени во странска валута, додека годишниот раст во поголем дел се должи на кредитите одобрени во денари. Доколку се земе предвид ефектот од преносот на сомнителните и спорните побарувања од билансна во вонбилансна евиденција, согласно со одлуката на Народната банка, годишниот кредитен раст кај домаќинствата во август би изнесувал 10,2%.

Фото: Pixabay