Голем производител на вештачки ѓубрива: Се наѕира глобална криза со храна

235

Војната во Украина ќе доведе до шокови во глобалната понуда и цените на храната, изјави шефот на една од најголемите компании за ѓубрива.

Yara International, која работи во повеќе од 60 земји, купува значителни количини основни суровини од Русија.

Цените на ѓубривата се веќе високи поради зголемените цени на природен гас на големо.

Извршниот директор на Yara, Сверин Торе Холсетер, предупреди дека ситуацијата може да се влоши уште повеќе. „Работите се менуваат со часови“, изјави тој за Би-Би-Си.

„Веќе бевме во тешка ситуација пред војната, а сега синџирите на снабдување се дополнително нарушени. Сега се приближуваме до најважниот дел од оваа сезона за северната хемисфера, каде што треба да се испорачаат големи количини ѓубрива, а ова веројатно ќе биде погоденo“.

Русија и Украина се меѓу најголемите светски производители на земјоделски производи и прехранбени производи.

Русија, исто така, произведува огромни количини на супстанции како што се калиум карбонат и фосфат, кои се клучни состојки во вештачките ѓубрива кои овозможуваат раст на посевите и културите.

„Половина од светското население добива храна од вештачки ѓубрива, а ако тие недостасуваат на теренот, приносот на некои култури ќе падне за 50%,“ вели Холсетер. „За мене прашањето не е дали се движиме кон глобална криза со храна, туку колку голема ќе биде таа“.

Неговата компанија веќе е погодена од конфликтот откако граната ја погоди канцеларијата на Yara во Киев. 11-те вработени во компанијата не беа повредени.

Компанијата со седиште во Норвешка не е директно засегната од санкциите против Русија, но мора да се справи со последиците. Обидите да се обезбедат залихи станаа потешки поради пореметувањата во глобалната транспортна индустрија.

Неколку часа по интервјуто на Холсетер за Би-Би-Си, руската влада ги повика производителите да престанат со извоз на ѓубрива. Тој посочи дека околу една четвртина од клучните хранливи материи што се користат во производството на храна во Европа доаѓаат од Русија.

„Истовремено, правиме се што можеме во моментов за да најдеме дополнителни извори, но времето е доста ограничено“, рече тој пред веста.

Аналитичарите велат дека овој потег ќе значи повисоки трошоци за земјоделците и помали приноси. Ова може да доведе до уште повисоки цени на храната.

Хранливите материи, исто така, не се единствениот фактор што треба да се земе предвид.

Потребни се огромни количества природен гас за производство на амонијак, кој е клучна компонента на азотни ѓубрива. Yara International се потпира на огромни количини руски гас за своите европски погони.

Минатата година компанијата беше принудена да суспендира околу 40% од производствениот капацитет поради скокот на големопродажната цена на гасот. Другите производители исто така ги ограничија залихите.

Во комбинација со повисоки транспортни трошоци, санкции против Белорусија (уште еден голем производител на калиум карбонат) и екстремни временски услови, ова предизвика голем скок на цените на ѓубривата, што ги зголеми цените на храната.

Компанијата прави дневна проценка за тоа како да се одржи снабдувањето и вели дека е рано да се каже дали претстојат повеќе запирања на производството.

Компанијата признава дека има „многу голема обврска“ да го продолжи производството во овој критичен период. Сепак, шефот на Yara вели дека на долг рок светот мора да ја намали зависноста од Русија за производство на храна.

„Од една страна, се обидуваме да ги задржиме испораките на ѓубрива до земјоделците за да го одржиме производството. Во исто време, мора да има силна реакција. Ја осудуваме руската воена инвазија на Украина, така што ова е дилема што, искрено кажано, прилично тешка“.

Климатските промени и растечкото население веќе ги зголемија предизвиците за глобалното производство на храна, дури и пред почетокот на пандемијата Ковид-19.

Главниот извршен директор на Yara International ја опиша војната како „катастрофа по катастрофа“, нагласувајќи колку е ранлив на шокови глобалниот синџир на снабдување со храна во моментот.

Ова ќе ја зголеми несигурноста за храна во посиромашните земји, додаде тој.

„Не смееме да заборавиме дека во последните две години бројот на луѓе кои ноќе легнуваат гладни се зголеми за 100 милиони, па ова што се случува сега е навистина загрижувачко“.