Како топлотните бранови влијаат на растот на цената на храната

47

Топлотните бранови предизвикуваат штета и ги уништуваат посевите ширум светот. Ова ја прави храната помалку достапна и поскапа.

Според Светската банка (СБ), растечката несигурност во производството и дистрибуцијата на храна се заканува да турне милиони луѓе во сиромаштија.

Европската агенција за заштита на животната средина (ЕЕА) објави дека минатогодишните суши на Стариот континент им предизвикале големи загуби на земјоделците.

Приносите на пченката се намалени за 25 отсто, а производството на соја, која главно се користи за добиточна храна, е намалено за 10 отсто. Приносите на пченица и ориз во Италија беа за 30 отсто пониски во 2022 година. Минатата година Италија беше погодена од најтешката суша во последните 70 години.

Пченицата, пченката и оризот сочинуваат речиси половина од вкупниот глобален синџир на снабдување со храна. Секоја од овие култури е загрозена од екстремно високи температури. Светската банка објави дека глобалните цени на храната пораснале за 17 отсто минатата година.

Експертите посочија дека минатогодишните високи температури во Индија предизвикаа намалување на производството на пченка за 10 отсто. Цените на свинското месо во Кина пораснаа поради стравувањата од намален принос поради високите температури.

Секој трет човек во светот е погоден од проблеми во производството на храна. Жените и луѓето во руралните средини се особено погодени. Речиси 40 отсто од вкупното глобално население во 2021 година не може да си дозволи здрава исхрана.