НБРМ: Банките ја намалија кредитната поддршка на приватниот сектор во првиот квартал

14

nbrm-logo-pocetna

Во првиот квартал на 2017 година, банкарскиот сектор ја намали кредитната поддршка на приватниот сектор. Кредитите на банкарскиот сектор забележаа пад од 0,8% наспроти растот од 2,7% во четвртиот квартал, пишува Кварталниот извештај на Народната банка на Република Македонија.

Намалување на кредитната активност беше забележано во првите два месеца на годината, додека во март дојде до стабилизирање на кредитната активност и нејзин раст. Ваквото кредитно воздржување е вообичаено за овој период, но е поинтензивно во однос на претходните години. Со исклучување на ефектот од регулаторните измени, вкупните кредити во првиот квартал на 2017 година забележаа квартален пад од 0,1%, наспроти растот од 3% во претходниот квартал.

Од аспект на валутната структура, намалувањето на кредитната активност во овој период во најголем дел произлегува од падот на денарските кредити, наспроти нивниот значителен раст во претходниот квартал. Девизните кредити и понатаму продолжија да се намалуваат, но со умерено послабо темпо. Анализата на рочната структура на квартална основа укажува на тоа дека растот на вкупните кредити, целосно произлегува од долгорочните кредити, коишто продолжија да растат, но со послабо темпо во однос на претходниот.

Краткорочните кредити забележа намалување во првото тримесечје на 2017 година, наспроти растот во претходниот период. Во однос на сомнителните и спорните побарувања, на крајот на март се забележува квартално намалување кај населението и претпријатијата. Учеството на сомнителните и спорните кредити во вкупните кредити изнесува 6,2% и бележи намалување од 0,2 процентни поена во споредба со декември. На годишна основа, вкупните кредити во март забележаа минимален раст (134 милиони денари) што претставува пониско остварување во споредба со годишниот раст во декември (0,9%). Доколку се изолира ефектот од регулаторните измени, вкупните кредити во март бележат годишен раст од околу 6,3% наспроти растот од 6,5% во претходниот квартал. Показателот за соодносот кредити/депозити изнесува 88,2% на крајот на март (93,7% без ефектите од регулаторните измени), што покажува поголемо искористување на депозитниот потенцијал за кредитирање на приватниот сектор во однос на претходниот квартал, кога овој показател изнесуваше 92,6%.