Побарувачката на девизи од физичките лица во мај беше пониска за околу 30% од вкупната побарувачка во април, беше истакнато на редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на Република Македонија.
“Во мај, мерките на Народната банка за справување со шпекулациите околу стабилноста на курсот на денарот придонесоа за постојан пад на побарувачката на девизи од физичките лица, којашто постепено се враќа кон вообичаеното преткризно ниво. Во такви околности, побарувачката на девизи од физичките лица во мај беше пониска за околу 30% од вкупната побарувачка за април. Од последната недела на мај досега, девизниот пазар е стабилен, речиси и без потреба од интервенции на НБРМ, што упатува на значително стабилизирање на очекувањата и довербата на економските субјекти и намалување на склоностите за располагање со девизи. Анализата на сите показатели на адекватноста на девизните резерви покажува дека тие и понатаму се движат во сигурната зона“, стои во соопштението на НБРМ.
Неизвесниот домашен амбиент, како што се наведува, се одрази и врз депозитната база на банките, којашто во април забележа значителен пад од 2,2% на месечна основа, речиси подеднакво распределен помеѓу депозитите на корпоративниот сектор и депозитите на домаќинствата. Првичните податоци за мај покажуваат натамошен тренд на намалување на депозитите, но многу послабо во однос на април, при што од дневните податоци за втората половина на мај и првата половина од јуни се забележува значително стабилизирање на депозитната база. Ова упатува и на стабилизирање на согледувањата на економските субјекти.
Во однос на кредитниот пазар, во текот на април и мај, вкупните кредити на приватниот сектор се задржаа на релативно стабилно ниво, при раст на кредитите кај населението и намалување на кредитите кај корпоративниот сектор. Стагнацијата на кредитите во еден дел веројатно е реакција на неизвесниот амбиент и падот на депозитната база, но во еден дел и одраз на отписот на достасани, ненаплатени побарувања, согласно со одлуката на НБРМ донесена во декември 2015 година.
Намалувањето на ликвидноста, главно врз основа на интервенциите на Народната банка на девизниот пазар, услови висока побарувачка на банките за ликвидни средства на пазарите на пари, каде што прометот достигна највисоко месечно ниво од јули 2014 година наваму. Пазарните каматни стапки, и покрај зголемената побарувачка за ликвидност, се задржаа на релативно стабилно ниво.