Неколку лекции за парите што треба да ги научи секое дете

60

dete

Фото: Pexels

Парите се составен дел од животот на секој човек без оглед на која возраст се наоѓа. Навиките за убаво однесување, правилно воспитување, почитување, се стекнуваат уште од многу мала возраст. Така е и со парите, па од таа причина важно е децата да се научат како да однесуваат со нив.

Парите не растат на дрво

Многу честа изрека којашто родителите ја користат за да им помогнат на нивните деца да сфатат дека треба да бидат внимателни со парите што ги имаат во нивниот џеб или касичка. Родителите треба да се обидат да им објаснат на децата колку напорно и вредно работат и се трудат за да ги заработат парите. Зборувајќи им за времето поминато во канцеларија, пред компјутер, на телефон, состанок или на терен, дополнително ќе им се доближи стекнувањето на работна навика на децата.

Список на желбите на вашето дете

Иако овој список може да биде бесконечно долг, сепак ставете ги приоритетните желби на хартија. На тој начин ќе ги визуелизирате нивните желби и ќе им помогнете да одберат што сакаат да купат од нивната заштеда.

Преку заштеда до нова играчка

Со девизата кој штеди – тој има, може да им покажете на децата дека треба да бидат внимателни како и за што ги трошат парите, а во исто време и да им ја развиете навиката за штедење. Доколку вашето дете посака нова играчка, тоа е одличен момент да му покажете како да заштеди и на тој начин да собере пари за играчката што толку многу ја посакува. Штом го собере потребниот износ, дозволете му на детето да си ја купи играчката, по што во неговата меморија ќе се вреже навиката за штедење за да го купи тоа што го сака.

Покажете им на децата колку е важно штедењето

Навратете се на некој настан кога сте купиле некој нивен омилен предмет со помош на парите што се ги заштедиле. Така децата ќе разберат дека доколку денеска имаат некој денар вишок од својот џепарлак, подобро е да го заштедат за кога ќе им се допадне нешто, да си го купат. Обидете се да го поедноставите начинот на којшто може да се штедат парите во банка, коишто полека растат благодарение на каматата.

Здрава доза на скептицизам

Научете ги децата слепо да не им веруваат на впечатливите телевизиски реклами и обидете се да им ги објасните маркетиншките трикови коишто ги користат компаниите, трговските центри, продавниците…

Со парите може и да се помогне, а не само да се купува

Поттикнете ја хуманата страна кај деца, па и во момент кога можеби тврдоглаво сакаат да им купите скапа играчка, потсетете ги дека во истиот момент има некое болно детенце на кое му требаат пари за лекување или храна. Нека научат дека понекогаш е поважно парите во одреден момент да се подарат некому на кого тоа му е премногу потребно, одошто залудно да се потрошат.

Научете ги да ги вреднуваат парите, но да не им бидат пресудни во животот

Парите иако го движат светот, не се пресудни за да бидеме среќни. Учете ги децата да се грижат за семејниот буџет, да бидат поскромни во своите барања, да знаат да штедат… Но, не заборавајте да им укажете дека постојат многу работи коишто немаат цена и кон коишто мора да бидат многу внимателни.