Потрошувачки и станбени кредити најпопуларни во октомври

35

Потрошувачките и станбените кредити, во октомври, забележаа месечно зголемување од 0,4% и 1,1%, соодветно, како и годишен раст од 8,8% и 14,2%, соодветно, од аспект на намената на кредитите одобрени на физичките лица, покажуваат податоците на Народна банка.

Кај автомобилските кредити, овој месец е остварен месечен и годишен пад од 2,6% и 9,8%, соодветно, додека кредитите одобрени на кредитни картички се намалени за 0,5% и 3,6%, на месечно и годишно ниво, соодветно.

Во октомври, негативните салда на тековните сметки бележат месечен раст од 3,3%, додека на годишна основа тие се намалени за 9,2%. Кај кредитите одобрени врз други основи е забележан месечен и годишен пад од 0,7% и 6,8%, соодветно.

Вкупните депозити на корпоративниот сектор, во октомври, се намалени за 0,1%, на месечна основа. Надолната месечна промена произлегува од падот кај депозитните пари и краткорочните депозити во денари, во услови на раст кај останатите компоненти. Во споредба со истиот период од претходната година, растот на депозитите изнесува 6,9% и се објаснува со зголемувањето на депозитните пари и краткорочните депозити во странска валута, при пад на краткорочните и долгорочните депозити во денари.

Овој месец, кредитите на корпоративниот сектор забележаа минимален месечен пад од 0,1%, којшто е резултат на намалените кредити одобрени во странска валута, додека кредитите во денари бележат раст. Анализирано на годишна основа, кредитите на корпоративниот сектор се зголемени за 4,4%, како резултат на зголеменото кредитирање во денари и странска валута, со поизразен придонес на кредитите во странска валута.

Во октомври, вкупните депозити на домаќинствата забележаа месечен пад од 0,2%, којшто во поголем дел произлегува од намалувањето на депозитните пари, при остварен пад и кај долгорочните и краткорочните депозити во денари, во услови на раст на долгорочните и краткорочните депозити во странска валута.

На годишна основа е остварена стапка на раст од 5,6%, којашто произлегува од растот на депозитните пари и краткорочните депозити во странска валута, додека останатите компоненти бележат пад.

Кај вкупните кредити на домаќинствата, во октомври, е евидентиран месечен и годишен раст од 0,7% и 9,0%, соодветно. Анализирано по валута, нагорните месечни и годишни промени во најголем дел произлегуваат од денарските кредити (учество од 81,9% и 73,1%, соодветно).

Фото: Freepik