Производството на нафта во Русија падна за три отсто

47

Производството на нафта во Русија е намалено за помалку од три отсто од почетокот на воената инвазија на Украина, а западните енергетски санкции имаа само ограничен ефект, процени Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА), бидејќи руските енергетски испораки се пренасочени кон други пазари.

Во својот последен месечен извештај, ИЕА наведе дека руското производство на нафта во јули изнесувало 310.000 барели дневно, под нивото од пред војната, додека вкупниот извоз на нафта се намалил за 580.000 барели дневно, пренесува ЕУ Обсервер.

Извозот на руска сурова и нафтени производи во Европа, САД, Јапонија и Јужна Кореја падна за речиси 2,2 милиони барели дневно од 24 февруари оваа година, но ИЕА соопшти дека протокот на нафта бил пренасочен кон Индија, Кина и Турција, како и дека сезонски зголемената руска домашна побарувачка ги ублажи загубите. Во јуни Кина ја престигна ЕУ како најголем увозник на руска нафта.

Во извештајот се проценува дека Русија заработила 18 милијарди долари приход од извозот на нафта во јули и 21 милијарда долари во јуни, пишува Гардијан. Изгледите за светската понуда на нафта се ревидирани нагоре, со ограничен пад на руската понуда, помал од претходно прогнозираните, се вели во извештајот на ИЕА.

ИЕА рече дека ембаргото на ЕУ за увоз на руска сурова нафта и производи, кое ќе стапи на сила во февруари 2023 година, ќе доведе до „понатамошен пад“, бидејќи околу 1 милион барели нафтени деривати дневно и 1,3 милиони барели сурова нафта се очекува да бидат вишок.

Се очекува Русија да го намали производството откако санкциите на ЕУ ќе стапат на сила, што ќе доведе до тоа нафтените гиганти, вклучително и Саудиска Арабија, да имаат корист од зголемената европска побарувачка на нафта, соопшти ИЕА.