Што е данок на додадена вредност (ДДВ)?

1586

Данок на додадена вредност (ДДВ) или на англиски Value added tax, претставува општ данок на потрошувачка. Овој вид на давачка ја имаат сите учесници во купопродажните трансакции, коишто ја пресметуваат во својата цена, а наплаќаат од следниот корисник во низата, а ја сноси крајниот потрошувач.

Предмет на оданочување кај овој вид на данок е прометот на добра и услуги што настануваат во рамки на дејноста што се извршува. Прометот се случува кога едниот субјект на другиот му продава или му подарува одреден производ или услуга, така што тој може да располага како да е негов, а предмет е само прометот што настанува во рамки на таа дејност.

Даночен обврзник е лице кое трајно или повремено самостојно врши стопанска дејност, независно од целите и резултатите на дејноста.

Според домашното законодавство, даночна основа на данокот на додадена вредност е вкупниот износ на надоместокот што е добиен или што треба да се добие за прометот, во којшто не е вклучен данокот на додадена вредност. Даночната основа ги опфаќа: даноците, вклучувајќи ги акцизите, таксите, придонесите и други давачки; зависни трошоци за пакување, натовар, истовар, превоз и осигурување, провизии и слично, како и субвенциите кои се директно поврзани со цената на прометот на производот или услугата.

Во нашата земја, ДДВ се пресметува со примена на пропорционални даночни стапки врз даночната основа и тоа: според општа даночна стапка од 18% и повластена даночна стапка од 5%.

Фото: Pixabay