ТТК банка оствари добивка од над 30 милиони денари во 2014 година

19

ttk bankaТТК банка минатата 2014 година ја заокружи со добивка во висина од 30.025.000 денари, покажува неконсолидираниот биланс на успех, објавен на Македонска берза.

Една година претходно, банката евидентираше добивка во висина од 53.400.000 денари.

“Нето приходите од камати изнесуваа 293,2 милиони денари и се помали за 5,3% во однос на истиот период од минатата година како резултат на намалување на активните и пасивните каматни стапки, како и пониската наплата на претходно отпишаните побарувања по основ на камати. Планираните нето приходи од камати се остварени со 90,6%“, стои во коментарот за остварените финансиски резултати на ТТК банка.

Банката во следниот период ќе биде насочена кон обезбедување на стабилно и профитабилно оперативно работење.

“Во текот на 2015 година, банката ќе продолжи со преземање на интензивни мерки и активности за наплата на нефункционалните кредити и подобрување на квалитетот на кредитното портфолио и активности поврзани со продажба на преземениот имот, кои би влијаеле позитивно на финансискиот резултат на банката“, се наведува во Коментарот објавен на Македонска берза.