УЈП објави листа за уредна достава на решенија за присилна наплата на радиодифузна такса

20

ujp

Управата за јавни приходи (УЈП) ги повикува обврзниците кои должат радиодифузна такса наведени во листата објавена на интернет страницата, најдоцна до 13-ти септември оваа година, да ги подигнат Решенијата за присилна наплата на радиодифузна такса во просториите на УЈП, во надлежната Регионална дирекција, секој работен ден од 8:30 до 18:00 часот и сабота од 8:30 до 14:00 часот.

Листата за уредна достава на решенија за присилна наплата на радиодифузна такса содржи: име и презиме на обврзникот, последна адреса на обврзникот, број и датум на решението.

“Доколку обврзникот има извршено уплати на радиодифузна такса во периодот од опомената/известувањето до изготвување на решението за присилна наплата, потребно е да приложи докази при приемот на решението, за да може даночниот орган да ги земе во предвид и да спроведе правилна постапка на присилна наплата“, стои во соопштението на УЈП.

Доколку должникот – обврзник на радиодифузна такса наведен во Листата за уредна достава на решенија за присилна наплата на радиодифузна такса бр.22-5344/1 од 02.09.2016 година не се јави и не изврши прием на Решението во наведениот рок, Управата за јавни приходи ќе изврши и еднократна објава во Службен весник на РМ.

По објавата во Службен весник на РМ ќе се смета дека е извршена уредна достава на Решенијата за присилна наплата на радиодифузна такса од Листата објавена на веб страницата на УЈП, а сите евентуално негативни последици кои би можеле да настанат од неподигањето на решението и спроведување на постапката за присилна наплата ќе ги сноси обврзникот за радиодифузна такса.