Украинското жито не се извезува со проценетото темпо, цените се превисоки

97

Еден месец по постигнатиот договор за извоз на жито од Украина преку Црното Море на 22 јули, дваесетина бродови ги напуштија украинските пристаништа.

Во Истанбул беше потпишан договор со посредство на ОН, со кој беше прекината повеќемесечната блокада на Црното Море од руски воени бродови и украински морски мини.
Украинската управа на пристаништа соопшти дека во првиот месец на светскиот пазар излегле околу 600.000 тони жито.

Властите имаат амбициозни планови наскоро да испратат сто бродови месечно од Одеса и други пристаништа.

Но, патот таму е трнлив. Бидејќи досега само пет бродови стигнаа до регионот на Одеса за собирање храна, од кои еден е под покровителство на ОН за што поскоро да стигне до Етиопија, каде историските суши оставаат милиони луѓе на работ на глад, пишува Дојче веле ( ДВ).

Останатите бродови што пловеа се оние кои со месеци се заглавени во пристаништата.

„Потпишувањето на нови транспортни договори се одвива многу невешто. Пазарните играчи навистина не им веруваат на Русите и сметаат дека може да има изненадување“, изјави за ДВ, Павло Мартишев од киевското економско училиште.

Според него, трошоците за превоз варираат многу, често во само еден ден.

„Понекогаш има извештаи за руски напади во регионот на Одеса, или на пристаништето Николаев, понекогаш руски ловци го надлетуваат демилитаризираниот морски коридор што е наменет за безбедно поминување на бродовите“, вели Мартишев.

Во претходната анализа, овој економист пресметал дека Украина може да заработи дополнителни пет милијарди долари преку извоз на жито. Сега тој не е сигурен дека оваа оптимистичка пресметка ќе се оствари.

Генадиј Иванов, управителот на логистичката компанија БПГ Шипинг, точно знае што се случува. Тој вели дека сега му е тешко да ги убеди бродските компании да испратат бродови во неговиот роден град Одеса.

„Само мал дел од нив постојано работат во потенцијално опасни региони како Западна Африка или Јемен, а мал дел сега се подготвени да заминат во Украина“, посочува Иванов.

За такви патувања, превозниците мора да плаќаат премии за ризик на осигурителните компании. „Тоа на крајот значително ги зголемува трошоците во споредба со соседните мирни земји како Романија или Бугарија“, вели тој за ДВ.

Но, колку подолго е оперативен поморскиот коридор, толку повеќе компании ќе бидат подготвени да ги стават на располагање бродовите.

„Кога беше потпишан договорот за жито, осигурениците очекуваа премија од 4,0-5,0 отсто од вредноста на стоката за седум дена. Денеска е 10-1,5 отсто, но и тоа е од 200.000 до 270.000 долари по брод неделно“, пресмета Иванов.

Сопствениците на бродови бараат дополнителни пари за изнајмување на бродот бидејќи дополнително е задржан најмалку една недела на инспекцијата во Истанбул. Услов на руската страна беше турската армија да го испита секој брод за да спречи евентуална испорака на оружје за Украина по морски пат.

Сето тоа значи дека еден тон товар од украинските пристаништа чини 25 до 35 долари повеќе отколку од романските пристаништа“, објаснува Иванов.

Ова го намалува профитот на извозникот и ја убива откупната цена што ја добива украинскиот земјоделец. А тоа е предност за најголемиот конкурент на пазарот на жито – Русија. Сепак, осигурителните компании бараат дополнителни премии за руската стока од избувнувањето на војната, наведува ДВ.

„Русија очекува рекордна жетва од 90 милиони тони пченица оваа година. Во овие услови руската пченица ќе доминира на светскиот пазар. И Русите можат да понудат попусти, тие веќе ја истуркаа украинската пченица од важните пазари во Турција и Египет“, вели Павло Мартишев.