Во текот на 2021 година беа ископани 2,8 милијарди тони метал

155

Се проценува дека во текот на 2021 година ширум светот биле ископани околу 2,8 милијарди тони метал, според податоците на Геолошкиот институт на Соединетите држави (USGS).

Од таа неверојатно голема количина, железната руда имала удел од дури 93 отсто, со околу 2,6 милијарди тони.

Најмногу железна руда е експлоатирана во Австралија – 900 милиони тони, додека на второ место е Бразил (380 милиони тони), а по него е Кина (360 милиони тони). Австралија е позната како рударска земја, со голема површина од земјата покриена со црвеникав слој почва богата со железо. Трите најголеми компании во земјата се BHP Group, Rio Tinto и Fortescue Metals.

Околу 98 отсто од железната руда се претвора во материјал за производство на челик, кој се користи во градежништвото, транспортот и апаратите за домаќинство. Поради својата клучна улога во изградбата на инфраструктурата, железната руда е еден од најважните материјали што ја поддржува урбанизацијата и економскиот раст.

Од друга страна, таканаречените индустриски метали се широко користени во производството на челик, градежништвото, хемиското производство и како средства за разни легури. Во 2021 година, на планетата беа ископани повеќе од 181 милион тони од овие метали.

Алуминиум (68 милиони тони), хром (41 милион тони), бакар (21 милион тони), манган (20 милиони тони) и цинк (16 милиони тони ископана руда) се водечки по количини. Минатата година беа ископани 2,7 милиони тони никел.

По индустриските, по категоризација и количина, следуваат благородни и технолошки метали, меѓу кои спаѓаат калај, молибден, кобалт, како и се попознатиот литиум, поради индустријата за производство на батерии за електрични автомобили.

Релативно малку литиум беше ископано во 2021 година во споредба со вкупната количина ископани руди – само 106.000 тони – но таа количина беше двојно зголемена во споредба со резултатите од 2016 година.

Светската потрошувачка на метални суровини значително се зголеми во последните неколку децении, при што растечките економии и големите градови бараат повеќе ресурси.

Глобалното производство на железна руда и алуминиум е зголемено повеќе од тројно во споредба со средината на 1990-тите. Останатите метали, вклучително и бакарот и челикот, исто така забележаа значителен раст на потрошувачката.