Зголемено денарското штедење кај населението во јули

12

Во јули беше присутна поголема склоност на населението за штедење во денари, наспроти странските валути, беше истакнато на редовната седница на Комитетот за оперативна и монетарна политика на Народната банка на Република Македонија (НБРМ).

“Во овој месец присутна е поголема склоност на населението за штедење во денари, наспроти располагањето со странска валута. Ваквото однесување покажува значително подобрување на перцепциите на субјектите, а делумно може да е реакција на поместувањата во каматната политика на банките. Имено, во јуни за првпат по подолг временски период, се забележува проширување на распонот помеѓу каматата на депозитите на населението во денари и депозитите во девизи, што е конзистентно на досега преземените монетарни мерки. Во однос на проекциите, нивото на депозитите во јули е пониско од проектираното“, стои во соопштението на НБРМ.

Сигнали за видливо стабилизирање на очекувањата на економските субјекти, како што се наведува, се забележуваат и преку промените кај депозитната база на банките. Јунските податоци за депозитите покажаа значително забавување на падот на вкупниот депозитен потенцијал, при истовремен благ раст на штедењето на населението. Прелиминарните податоци за јули упатуваат на повисоко ниво на вкупната депозитна база, споредено со претходниот месец, во целост како резултат на солидниот раст на депозитите на населението.

Во однос на кредитниот пазар, првичните податоци за јули покажуваат мало намалување на новите кредитни текови, при пад на кредитите на корпоративниот сектор и натамошно  зголемување на кредитирањето на населението. Ова приспособување во кредитирањето, следува по солидниот раст на вкупните кредити на приватниот сектор во јуни (со исклучување на ефектот од регулаторните промени) и не е невообичаено за овој период од годината. Резултатите од последната Анкета за кредитната активност за вториот квартал упатуваат на натамошно олеснување на вкупните кредитни услови и кај двата сектора, при умерено нето-намалување на побарувачката на корпоративни и станбени кредити. Кредитната активност засега е во склад на проекцијата, но со оглед на послабите остварувања кај депозитниот потенцијал и присутната неизвесност, постојат ризици околу динамиката на кредитната активност во следниот период.