Правата на граѓаните наспроти нивните обврски кон контролорите на личните податоци

343

Со стапувањето на сила на новата регулатива за заштита на личните податоци – General Data Protection Regulation (GDPR) во рамки на Европската унија, нејзините жители добија загарантирано право на заштита на нивните податоци, не само во државите – членки, туку секаде каде што истите се обработуваат.

Во Македонија, исто така, актуелен е нов предлог –  закон за заштита на личните податоци, кој на граѓаните на Македонија, како субјекти на податоци, ќе им ги даде истите права како и на жителите на Европската унија.

Со ова, освен компаниите во Македонија, кои обработуваат податоци за жители на Европската унија, наскоро ќе биде неизбежно и сите други компании кои обработуваат лични податоци да се усогласат со регулативата како би можеле да бидат конкурентни на пазарот.

Регулативата, освен што им обезбедува поголема заштита на личните податоци на граѓаните, им дава и поголеми права, па тие ќе може да си го побараат своето право на пристап, исправка, пренос и бришење на податоците од страна на компаниите кои се јавуваат како контролори на нивните лични податоци. Од друга страна, контролорите треба да следат неколку принципи во процесот на обработка на личните податоци, вклучувајќи и преземање на активности за да се осигураат дека податоците кои ги обработуваат се точни. За да можат контролорите да докажат усогласеност со GDPR, треба да бидат транспарентни со субјектите на лични податоци и да им објаснат како, каде и со која цел ги обработуваат.

Многу истражувања, до сега, покажале дека луѓето нецелосно ги читаат договорите (пред потпишување) и правилата за приватност на веб страниците (пред да ги прифатат). Со ова, тие не се свесни какви обврски имаат кон контролорот на нивните лични податоци:

  • Дали се обврзуваат да ги ажурираат навремено нивните лични податоци?;
  • дали му даваат овластување да ги пренесува на трети лица?;
  • во кој случај имаат право да побараат нивните податоци да престанат да се обработуваат или да се избришат?

И покрај тоа што граѓаните и сега имаат обврска да ги ажурираат нивните податоци во краток временски период после нивната промена, тоа многу ретко се случува во реалноста.

Ова не наведува да се запрашаме:

– дали интересите на компаниите се доволно заштитени? ;

– дали, со носењето на регулативите, освен што контролорите треба да превземат мерки за да ја осигураат точноста на податоците кои ги обработуваат, и граѓаните ќе добијат обврска да вршат исправка на нивните лични податоци во компаниите кон кои сѐ уште имаат некакви обврски? ;

– дали ќе постои начин за контрола на непочитувањето на овие обврски? ;

– дали сме спремни за стапувањето на новиот закон на сила?

Сепак, не смееме да заборавиме дека причината за унапредувањето на постоечкиот Закон за заштита на личните податоци, е токму потребата на граѓаните да ги користат услугите на компаниите кои се јавуваат како контролори на нивните лични податоци.

Фото: Pixabay

Автор на текстот Сашка Ѓорѓиевска од EOS Matrix