Што се случува кога добиваш 560 евра од државата, а не работиш ништо

236

Ако луѓето имаат приход, дури и ако не работат ништо, ќе се посветат на усовршување и ќе влегуваат во бизнис предизвици. Ова била идејата на Финска. Се покажало дека вработеноста не се зголемила, но стресот и несигурноста се намалиле.

Експериментален глушец – така се опишува себеси Туомас Мураја во насловот на неговата книга. Тој бил дел од финскиот експеримент во кој 2.000 невработени граѓани добивале универзален основен приход од 560 евра месечно, во период од две години. Тие пари пристигнувале на нивните сметки без никакви услови, пишува Deutsche Welle.

Мураја е хонорарен новинар кој се мачел да најде постојана работа, одел на задолжителните курсеви на Агенцијата за вработување, понекогаш заработувал скромни хонорари, а добивал и социјална помош. И тогаш слушнал дека ќе биде “експериментален глушец“.

“Беше вистинско олеснување бидејќи се ослободив од целата бирократија. Повеќе не морав да пополнувам формулари или да одам на предавања каде што нè учеа како да пишуваме CV и слично. Конечно можев да се концентрирам на работата, а тоа е пишување книги и статии“, вели тој.

Во две години Мураја објавил две книги, напишал многу новинарски статии и конкурирал на 80 работни места. Позитивни искуства имале и други луѓе со кои разговарал, пишувајќи ја книгата Експериментален глушец за основен приход.

Друг учесник во експериментот конечно отворил свое кафуле, знаејќи дека ќе има основен приход и ако работата не тргне добро. Еден студент изјавил дека можел да оди на лошо платени пракси за да стекне искуство…

Сепак, финскиот експеримент ни дома ни во странство не предизвикал голем интерес за идејата сите граѓани да имаат основен приход. Некои новинарски извештаи го опишаа експериментот како неуспешен. Но, откако беше објавено истражување за експериментот овој месец, податоците се различни.

Мине Јикано, истражувач на Институтот за социјално осигурување кој го спровел истражувањето, го отфрла тврдењето дека експериментот не успеал.

“Би рекол дека е успешен. Вистина е дека на крајот не можеме да видиме голем ефект врз вработувањето. Но, не е фер да се зборува дека експериментот пропаднал“, вели тој.

Наодите се базираат на споредба на 2.000 невработени лица што добивале по 560 евра во период од 2017 и 2018 година и 173.000 други невработени што го немале овој приход. Излегува дека само мал број луѓе од првата група нашле работа во овој период.

Од друга страна, имало значителна разлика во чувството на среќа. Во просек, луѓето со основен приход чувствувале пониско ниво на несигурност и стрес.

“Кога задоволството е поголемо, луѓето имаат подобри шанси да најдат работа. Работодавците ги гледаат како поспособни“, вели Јикано.

За тоа известува и авторот Туомас Мураја.

“Најважно е дека оние што имаат основен приход се чувствуваа психички подобро. Кога си обезбеден и слободен, се чувствуваш подобро“, вели тој.

Но, политичарите првенствено сакаат да знаат дали основните приходи се исплаќаат економски. Ова го посочува и професорот по економија Бернхард Нојмеркер од Фрајбург, кој ја поддржува идејата за основен приход.

“Политичарите се несигурни, лесно наоѓаат аргумент како оној дека сите би биле мрзливи доколку би имале безусловен приход и дека тоа не може да се финансира. Овде завршува секоја дебата“, вели тој.

Нојмеркер верува дека само јавниот притисок може да доведе до промени, особено во текот на кризата предизвикана од пандемијата.

“Кризата ни ги покажа проблемите на традиционалните и јас би рекол застарените држави за социјална помош. Би рекол дека правилно организиран основен приход во екот на дигитализацијата и кризата може да биде ветувачки и одржлив модел на модерна пазарна економија“, додава овој економист.

Финска планира да продолжи со експериментите на ова поле. И на друго место се случува нешто слично – Шпанија понуди некој вид основен приход за сите што останаа без работа поради кризата. Кенија почна 12-годишно истражување. Бројот на експериментални глувчиња расте.
Фото: Pixabay