До 2030 година, речиси секој трет автомобил во Кина ќе биде електричен, а секој петти во САД и ЕУ

21

Бројот на продадени електрични автомобили во светот ќе достигне 17 милиони до крајот на годината, 20 отсто повеќе отколку во 2023 година, според проценките на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА).

Продажбата на електрични автомобили во првиот квартал е зголемена за околу 25 отсто во однос на истиот период во 2023 година, а бројот на продадени електрични автомобили во првите три месеци од оваа година е речиси еднаков на бројот на тие возила продадени во текот на целата од 2020 година, објави Бета.

„Повеќе од еден од пет автомобили продадени ширум светот оваа година се очекува да бидат електрични, а очекуваниот раст на побарувачката во следната деценија ќе ја преобликува светската автомобилска индустрија и значително ќе ја намали потрошувачката на нафта за патен транспорт“, се вели во новиот извештај на ИЕА.

Најмногу електрични автомобили, околу 10 милиони, се проценува дека ќе бидат продадени во Кина, што претставува 45 отсто од сите продадени автомобили во таа земја.

Се очекува дека еден од девет продадени автомобили во САД ќе биде електричен, а секој четврти во Европа.

И покрај краткорочните предизвици на некои пазари, ИЕА проценува дека до 2030 година речиси секој трет автомобил на патиштата во Кина ќе биде електричен, а секој петти во САД и ЕУ.

Минатата година, продажбата на електрични автомобили ширум светот се зголеми за 35 отсто на речиси 14 милиони, најмногу во Кина, Европа и САД, но раст е забележан и на некои нови пазари, како Виетнам и Тајланд.

„Значајните инвестиции во синџирот на снабдување со електрични возила, поддршката на политиките и падот на цените на електричните возила и нивните батерии се очекува да доведат до уште позначајни промени во годините што доаѓаат“, се вели во соопштението, додавајќи дека до 2035 година, секој втор продаден автомобил во светот може да биде електричен.

ИЕА вели дека повеќе од 60 отсто од електричните автомобили продадени во Кина во 2023 година биле поевтини од нивните конвенционални еквиваленти, но дека во Европа и САД цените на автомобилите со мотори со внатрешно согорување се сè уште во просек пониски.

Сепак, се очекува дека зајакнувањето на пазарната конкуренција и подобрувањето на технологиите за батерии ќе ги намалат цените во наредните години.