Дојче веле: На Германија ѝ требаат имигранти, нема висококвалификуван кадар

19

Германија се соочува со недостиг на работна сила, особено во висококвалификуваниот сектор, а лани во земјата имало околу 570.000 непополнети работни позиции, пишува „Дојче веле“.
Министерот за труд Хубертус Хајл рече дека е загрижен дека до 2035 година на Германија ќе ѝ недостигаат до седум милиони работници од сите квалификации.

Во Германија работат 11,5 милиони луѓе со мигрантско потекло, од кои речиси половина имаат германски пасош.

Покрај тоа, половина милион луѓе со мигрантско потекло се на школување.

Податоците на германската Федерална агенција за вработување покажуваат дека во градежништвото и во областа на хигиената и чистотата, околу 30 отсто од вработените имаат странски пасоши.

Во многу академски професии, уделот на странски работници е веќе многу висок, а околу 14 проценти од лекарите немаат германско државјанство.

„Ни треба миграција“, вели експертот за пазарот на трудот Херберт Брикер од Институтот за пазар на труд и професионални истражувања.

Тој смета дека и доаѓањето на луѓе со ниски квалификации може да биде економски исплатливо.

Поединечно, таквите мигранти се нето-приматели на државни бенефиции бидејќи не заработуваат доволно пензија и зависат од социјалните бенефиции во нивната старост, но нивната работа е важна за успехот на германските компании.

Студиите покажуваат дека извозот во земјите на потекло на мигрантите се зголемува, а трансферот на знаење и иновациите исто така одат рака под рака со миграцијата.

Според студијата на Германскиот економски институт, 13 отсто од сите патенти во Германија биле поднесени од пронаоѓачи од странско потекло.

Во информациско-комуникациските технологии странците сочинуваат 23 отсто од вработените.

Научните студии покажуваат дека мигрантите во просек заработуваат помалку од Германците и дека имаат поголем ризик да останат привремено невработени и дека како резултат на тоа, во просек имаат помала пензија.

„Главниот проблем не е миграцијата, туку прекумерните бенефиции за луѓето со ниски примања и невработените“, тврди пензискиот експерт Бернд Рафелхусен од Универзитетот во Фрајбург.

Како што вели тој, бидејќи мигрантите во просек се помалку квалификувани, тие го влошуваат овој проблем, поради што економскиот биланс на миграцијата е негативен.

Истовремено, Рафелхузен јасно става до знаење дека не се залага за намалување на миграцијата, бидејќи како што тврди, Германија нема избор поради падот на наталитетот во последните 40 години.

Тој се залага за внесување млади и образовани странци во земјата.

Според студијата на Организацијата за економска соработка и развој, повеќе од 35 отсто од имигрантите во 2020 година биле нискоквалификувани, додека уделот на висококвалификуваните луѓе бил помалку од 30 отсто и со тоа под просекот на ЕУ.