Европа се соочува со невидена криза, белгискиот премиер: „Нè очекуваат 5 до 10 тешки зими!“

220

Се зголемува притисокот врз политичарите да најдат решение за невидената енергетска криза со која Европа би можела да се соочи оваа зима. „Дивеење“ е зборот што најдобро ги опишува актуелните настани на европскиот пазар на природен гас.

Високите флуктуации на цените на гасот укажуваат на силно севкупно зголемување на трошоците за енергија за европските бизниси и пад на економските активности. Неколку големи европски економии, предводени од Германија, се подготвуваат да влезат во рецесија.

Во такви мрачни економски перспективи, во понеделникот беше срушен рекордот за клучни „фјучерси“ (договори за плаќање цена на одреден датум во иднина) на 290 евра/мегават час. Тоа е цена 7 пати повисока отколку во кој било период од 2021 година. Дополнително, нема знаци на стабилизација во испораките на гас од Русија. „Газпром“ најави прекин на испораките преку „Северен поток“ кон Германија со образложение дека им требаат три дена за одржување. Секој таков потег на „Газпром“ предизвикува шпекулации дека испораките нема да продолжат по прекинот. Во случај на целосно прекинување на испораката на гас, ќе пропаднат плановите на членките на ЕУ да ги полнат складиштата со гас пред зимата до ниво што ќе овозможи безбедно презимување.

Нестабилноста на европскиот пазар со себе носи потреси и на американскиот и на азискиот пазар. Доколку Русија не ги зголеми испораките на гас или целосно ги прекине, кризата веројатно нема да се реши со месеци – инфлацијата најверојатно ќе продолжи да расте, додека европското индустриско производство ќе опадне, што би можело да ги турне повеќе индустријализираните земји во рецесија.

Во тој случај еврото ќе продолжи да биде под силен притисок, иако веќе е на најниско ниво во однос на доларот во последните две децении. Бројот на енергетски експерти кои прогнозираат дека цените на природниот гас во ЕУ би можеле да пораснат над 400 евра за мегават час се зголемува доколку „Газпром“ престане со испораките преку „Северен тек“.

Ова е нивото на цените на кое секое енергетско интензивно производство станува комерцијално сомнително.

„Тековните цени имаат значително влијание врз побарувачката на индустриски гас во Европа, а нашите модели укажуваат на намалување на побарувачката за индустриски гас за 15 отсто“, предупреди за „Блумберг“ Леон Избицки, аналитичар во Energy Aspects. Големите европски индустрии веќе минуваат низ драма поради рекордните цени на гасот. Најголемата полска хемиска компанија „Grupa Azoty“ го прекина производството на некои од своите клучни производи. Францускиот економски „аутпут“ почна да опаѓа за прв пат оваа година и тие почнаа да ги следат обесхрабрувачките индустриски трендови во Германија.

И Германија и Франција, најголемите економии во ЕУ, доживуваат инфлациски шокови невидени повеќе од 40 години, зголемувајќи ги ризиците од рецесија ширум еврозоната. Состојбата во Германија е особено чувствителна поради енергетската зависност од Русија, а властите се обидуваат да склучат низа договори за обезбедување алтернативни извори на енергија, но се подготвуваат и за рационализирање на потрошувачката во текот на зимата.

Германскиот канцелар Олаф Шолц ја посети Канада и изјави дека Русија повеќе не е сигурен енергетски партнер. Се обидува да организира повеќе испораки на течен гас преку ЛНГ терминалите, но од тој дел членките на ЕУ се натпреваруваат со азиските земји кои исто така бараат зголемени испораки поради глобалното чувство на неизвесност.

Колку долго ќе трае енергетската драма?

Белгискиот премиер Александар Де Кру предупреди дека европската енергетска криза може да се пролонгира. Тој смета дека „5 до 10 зими би можеле да бидат тешки“. Посебен проблем во и онака тешка ситуација предизвикува ненормално високата побарувачка на енергија во ЕУ во текот на летните месеци. Германските цени на енергенсите за една година однапред (што е европски репер) денеска се на ниво од 658 евра за мегават час, а во понеделник беше соборен рекордот од 700 евра.