Европските аеродроми сè уште се под нивото пред пандемијата

51

Бројот на патници на аеродромите во Европа сè уште заостанува зад нивото пред Ковид-19. Во првата половина од годинава тие опслужија 7,7 отсто помалку патници во однос на истиот период од 2019 година, а заостатокот постепено се намалуваше со текот на месеците. Најголем пад на бројот на патници забележа Словенија.
Во првите шест месеци од оваа година во Словенија имало 37,7 отсто помалку патници во авиосообраќајот отколку во истиот период од предпандемијата 2019 година, покажуваат пресметките на здружението на европски аеродромски оператори ACI Europe. Ова е најголем пад меѓу европските земји, без Украина.

Од друга страна, најголем раст од 105,1 отсто на бројот на патници во авиосообраќајот во овој период забележа Албанија.
Споредено со првата половина од 2019 година, косовскиот пазар бележи пораст на бројот на патници во авионите за 44 отсто, Србија 25,8 отсто, Македонија 15 отсто и Хрватска 2,6 отсто. Во Црна Гора тој број е намален за 0,3 отсто. Повеќето аеродроми во Западна Европа заостануваат зад бројките пред корона.

Споредено со првите шест месеци од 2022 година, бројот на патници на аеродромите во Европа е зголемен за 28,3 отсто. Растот се забави на 16,3 отсто во вториот квартал, по 49 отсто во првиот квартал, бидејќи ограничувањата на Ковид-19 за воздушниот сообраќај беа во голема мера укинати минатиот април.

„Патничкиот сообраќај повторно зајакна во последните шест месеци и е сè поблиску до целосно закрепнување“, коментира Оливие Јанковец, генерален директор на ACI Europe, во пораката објавена на веб-страницата на здружението. Како што додаде, има значителни разлики меѓу поединечните европски аеродроми, а повеќе од половина од нив сè уште не го достигнуваат бројот на патници од пред пандемијата. Меѓу другото, причините ги припиша на последиците од војната во Украина.

Лондонскиот аеродром Хитроу беше најпрометниот во Европа помеѓу јануари и јуни. Тој опслужи 37 милиони патници. Следи главниот аеродром во Истанбул со 35,6 милиони патници, потоа парискиот Шарл де Гол, Амстердам, Мадрид, Франкфурт, Барселона, лондонскиот Гетвик, римскиот Фиумичино и истанбулски Сабиха Гокен, пренесува СЕЕбиз.