Европските компании се песимисти околу водењето бизнис во Кина

9

Европските компании очекуваат тешки денови во Кина, предупредувајќи на анемична побарувачка и проблеми во пристапот на пазарот, покажува истражувањето на здружението „ЕУ за трговија“.

Речиси секоја четврта европска компанија изразува песимизам во деловните прогнози во Кина, според годишното истражување на здружението. Пред една година секоја десетта компанија беше песимистичка, забележуваат од здружението.

Само една третина од анкетираните денес се оптимисти, што значи дека нивниот удел е паднат на најниско ниво откако здружението спроведува истражување.

Пред една година „оптимистите“ беа во благо мнозинство.

Бизнисот на европските компании во Кина се карактеризира со поголема неизвесност во изминатата година, по првичниот оптимизам поради укинувањето на пандемските ограничувања на крајот на 2022 година.

Нешто повеќе од половина од компаниите го издвојуваат забавувањето на кинескиот економски раст меѓу трите главни предизвици, а речиси ист дел од нив се пожалија на „пропуштени деловни можности поради пристап на пазарот или регулаторни пречки“.

Здружението, исто така, укажува на „структурните проблеми во Кина, вклучително и анемична побарувачка, сè поизразениот прекумерен капацитет и континуираните предизвици во секторот на недвижности“.

44 отсто од нив очекуваат помала профитабилност во следните две години, најмногу откако здружението го спроведе истражувањето. Околу половина имаат намера да ги намалат трошоците за да се прилагодат на деловното опкружување, а 13 отсто од нив веќе го преселиле производството или донеле одлука да се преселат. 42 отсто од нив ја разгледуваат можноста за проширување на бизнисот во Кина, најмалку откако здружението го спроведе истражувањето, пренесува Лидер.хр.

– Имаше загрижувачки индикации дека некои европски компании го изолираат своето работење или усвојуваат помалку амбициозни планови во Кина, бидејќи предизвиците со кои се соочуваат со текот на времето ги надминуваат предностите – вели претседателот на здружението, Јенс Ескелунд.

– Кинеската влада често сигнализира дека планира да го подобри деловното опкружување, но обновувањето на довербата на инвеститорите бара (Пекинг – оп. уред.) да премине од зборови на дела – додава Ескелунд.

Минатата година, сепак, ЕУ усвои стратегија за „отстранување на ризиците“ во односите со Кина, а Европската комисија отвори серија истраги, сомневајќи се дека кинеските компании успешно се натпреваруваат во Европа благодарение на државните субвенции. Брисел одлучи да ги провери јавните набавки на медицинска опрема во Кина и положбата на европските компании.