Граѓаните добија увид во Буџетот преку веб платформа

23

Фото: Pixabay

Буџетот на Република Македонија станува уште подостапен до граѓаните преку веб платформата изработена од победниците на ФинХакатонот. Како што беше истакнато на прес – конференција во Министерството за финансии, граѓаните ќе ги дели само еден клик до сите информации за приходите и расходите во буџетот. На овој начин буџетот ќе им стане подостапен на граѓаните.

“Граѓанскиот буџет на Македонија е убедливо најдобар не само во регионот, туку и пошироко. Тој дава јасен приказ на приходите и расходите во буџетот, како и можност да се направи споредба низ времето колкави биле тие ставки. Има и јасен приказ колкав удел имаат одделните расходи во буџетот. На овој начин граѓаните добиваат информација на што се наменети државните пари, а со тоа имаат и поголема контрола врз нивното трошење“, рече министерот за финансии, Драган Тевдовски.

Како што истакна директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски, Финхакатонот овозможил младите луѓе да влијаат врз транспарентноста и ефикасноста на една комплексна јавна институција како Министерството за финансии.

“Преку вакви иницијативи сакаме преку практична примена на иновации во јавниот сектор да имаме отворени и  транспарентни институции, а граѓаните да добијат поефикасна и  поквалитетна услуга“, рече Деспотовски.

Како што истакна претставничката на тимот кој ја изработи победничката веб апликација на ФинХакатонот, Елена Андреева, апликацијата треба да го направи буџетот разбирлив за сите. Апликацијата овозможува не само да се добијат бројки од буџетот, туку истовремено има и објаснувања за самите ставки, како и споредби со изминатите години со што се добива јасна слика за буџетот.

За Граѓанскиот буџет изработени се и едукативни видеа, кои на едноставен начин го објаснуваат истиот.

“Видеата се надополнуваат со веб апликацијата и ја прават сликата уште појасна и поприемчива за целата јавност. Би сакал да истакнам дека она што е добро е што оваа апликација не се однесува само на еден Граѓански буџет, туку е платформа на која и во иднина може да се поставуваат податоци од новите буџети“, рече Стефан Митески од тимот кој го изработи победничкото видео на ФинХакатонот.

Во веб-апликацијата прикажани се приходите и расходите на буџетот. Исто така апликацијата има и објаснувања што претставуваат одделните ставки, што ја прави лесна за користење. За да се добие појасна слика, апликацијата дава можност да се направи споредба помеѓу буџетите од различни години. Граѓаните преку графикони можат да следат како одделни приходи или трошоци се движеле низ годините.

Веб апликацијата за Граѓански буџет не се однесува само на еден буџет, туку е платформа на која и во иднина може да се поставуваат податоци од новите буџети.

Веб апликацијата е достапна на македонски, албански и англиски јазик.

Граѓанскиот буџет можете да го најдете на budget.finance.gov.mk.