Каде грешите кога користите кредитни картички?

211

Платежните картички се феномен што се користи насекаде низ светот. Дебитните картички ни заштедуваат време и простор во паричникот, бидејќи не мора со себе да носиме готовина во било кое време. Од друга страна, кредитните картички даваат чувство на сигурност во одредени моменти, бидејќи на корисникот му овозможува да располага со одреден износ на пари што не е негов. Многумина се плашат од кредитните картички бидејќи не сакаат да трошат повеќе одошто имаат, но има и такви кои ги користат кредитните картички за покривање на одредени “дупки“ во текот на месецот. Нашиот совет е да бидете внимателни и да не ги правите овие грешки, ако веќе мора да користите кредитна картичка.

Не го зголемувајте лимитот – секоја кредитна картичка на сопственикот му става на располагање одреден износ во вид на кредит што може да го користи по потреба. Но, ако имате чувство дека и тоа не ви е доволно, не посегнувајте веднаш по зголемување на лимитот. Треба да имате на ум дека тоа ќе значи поголеми обврски, повисока камата… Затоа, единствено може да го зголемите лимитот доколку имате неодложна работа што мора да ја финансирате преку кредитната картичка или пак очекувате зголемување на плата, бонуси… дополнителни приходи на средства од каде што ќе може да ги покриете повисоките трошоци за картичката.

Лимит како праг за “сопнување“ – кредитниот лимит на кредитната картичка (искористениот и неискористениот износ) влегуваат во кредитната изложеност на банката кон клиентот, односно упатува на долг на клиентот кон одделна банка. Тоа значи дека при евентуално барање за кредит, банката ќе ја земе предвид задолженоста врз основа на кредитен лимит кај кредитната картичка (кај истата банка и кај други банки).

Не го уплаќајте минимумот – банката дава минимален износ што очекува вие секој месец да го уплаќате за да може да продолжите со користење на картичката. Во месеците кога можеби немате некои поголеми трошоци, тогаш наместо миниумот, уплатете поголем износ за да си го скратите времето и големината на отплата на долгот. Минималниот износ за отплата вообичаено се поставува на ниско ниво (најчесто од 3 до 10% од искористениот кредитен лимит), но сопственикот на картичката има можност да уплати повеќе од минималниот износ.

Не ги “прескокнувајте“ обврските од картичките – ако овој месец не сте во можност да го уплатите минимумот, не заборавајте дека мора да го покриете потребниот износ од картичката. Затоа, не е најпаметно да ја игнорирате обврската, туку појдете во банка и побарајте совет како да репрограмирате долгот или да најдете “најсреќното“ решение.

Фото: Pixabay