Катастарот воведува 3D приказ на зградите и парцелите

40

katastar-580x266

За станбените згради и за парцелите во Македонија за околу три години треба да се воспостави тридимензионален катастар. Ќе се користат искуства за воспоставување и одржување на 3D катастарот од холандскиот катастар преку TAIEX програмата на Европската комисија, јавува Миа.

“Воведувањето трета димензија во приказот на недвижностите ќе овозможи поедноставно разбирање на границите на правата врз самите недвижности  што ќе создаде поедноставна слика на тоа – кој и што има, на кој начин го употребува и до каде се простираат неговите права врз соодветната недвижност, како во длабочина на земјата така и во висина“, рече директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпески.

Тој информира дека прв чекор кон 3D катастарот годинава ќе бидат воведување на висината при премерот на објектите, геореференцирање на етажните скици, како и електронско издавање на податоци за нив.

Целиот процес треба да овозможи и воведување нови просторно дефинирани единици, како 3D парцела, волумен на кат и стан, како и нови атрибутни податоци за нив, да се олесни процесот на идентификација на дел од зграда и да се подобри визуелизацијата на регистрираните недвижности. За активностите ќе биде потребна промена на законската рамка, со што ќе се овозможи воведување 3D парцела и волумен наместо метар квадратен.

Постоењето 3D геопросторни податоци како дел од 3D катастарот, објасни Трпески, претставува основа за извршување на најразлични 3D анализи со кои се овозможува ефикасно моделирање на зградите, теренот и површината, како и визуализација со која ќе се постигне подобро разбирање и планирање на вистинскиот свет.