Мерките против загадувањето повторно стапија на сила

17

pollution

Фото: Pixabay

По добиеното известување од Министерството за животна средина и просторно планирање дека прагот на алармирање за ПМ10 честичките во воздухот е надминат (над 200μg/m3) во текот на два дена последователно, согласно заклучоците од записникот од 40та седница на Владата на Република Македонија одржана на 28.11.2017 година, стапуваат на сила следните препораки и мерки:

Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со Министерството за здравство се должни да:

  • Препорачаат на сите правни субјекти (работодавци) да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар.
  • Препорачаат на сите правни субјекти (работодавци) да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11.00 до 17.00 часот.
  • Препорачаат да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено.
  • Обезбедат услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба.

Владата на Република Македонија:

  • Да ги задолжи сите органи на државна управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатијата и АД во државна сопственост, како и на Единиците на локална самоуправа да ја намалат (до 50%) употребата на службените возила.
  • Да обезбеди ограничување на работите на градежните објекти

Министерство за труд и социјална политика во соработка со Црвениот крст, Здравствениот дом и Единиците за локална самоуправа:

  • Да обезбедат прифатилишта за  сместување на  бездомници.
  • Да дадат поддршка на стари осамени лица преку организирани посети.

Министерството за здравство:

  • да ја задолжи Службата за итна медицинска помош да доставува Информација до ИЈЗ за број на повици (според дијагноза/код на МКБ10, пол, возраст, место на живеење/општина), за времетраењето на епизодата на алармантно загадување на воздухот на дневна основа се до завршување на епизодата и една недела по завршувањето.

Државниот инспекторат за животна средина:

  • Да започне со вршење на зачестена контрола на Инсталациите кои што поседуваат А – ИСКЗ дозвола, да спроведе контролни мерења на емисиите на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух со акредитирана лабораторија со цел да се утврди дали се применуваат пропишаните услови/мерки во Дозволата по однос на емисиите во воздух.

Министерството за животна средина и просторно планирање ќе подготви и достави:

  • Препорака до Инсталациите коишто поседуваат А – ИСКЗ дозвола, за намалување на капацитетот на производство (до 50 %) со што од оваа мерка ќе бидат исклучени инсталациите кои што произведуваат топлинска или електрична енергија.

ЕЛС се должни да ги спроведат мерките пропишани во краткорочните планови или краткорочните мерки донесени на Советите на општините.

Во согласност со Законот за квалитет на амбиентниот воздух, на барање на Владата на Република Македонија и Министерството за здравство,  и Градот Скопје објави итни мерки и препораки за намалување на загадувањето на воздухот.

  • Градот Скопје од денеска, 30 јануари 2018 година, воведува бесплатен јавен превоз во автобусите на ЈСП и во автобусите на приватните превозници. Оваа мерка ќе трае се до моментот на намалување на загадувањето, за што дополнително ќе бидеме известени од Министерството за животна средина.
  • Градот Скопје ги прекинува сите градежни активности на градилиштата под своја надлежност и ги повикува сите градоначалници од општините во град Скопје да ги прекинат градежните активности на градилиштата во нивна надлежност.
  • Градот Скопје ја интензивира контролата на градилиштата, односно возилата што излегуваат од градилиштата мора да имаат измиени тркала и да се покриени со церади заради контрола на прашината.
  • Се задолжува ЈП „Комунална хигиена“ да го продолжи интензивното чистење и миење на градските улици и булевари што се во надлежност на Град Скопје и им се препорачува на скопските општини да го направат истото на улиците што се во нивна надлежност.
  • Градот Скопје врши зајакната контрола на имателите на одобренија за доставување стока преку Инспекторатот на Град Скопје, а воедно го повикуваме и Министерството за внатрешни работи да спроведе засилени контроли на правните субјекти кои поседуваат одобренија за доставување стоки издадени од Град Скопје.
  • Се повикуваат градоначалниците на општините во градот Скопје да ги интензивираат инспекциските надзори над субјектите кои управуваат со отпадни гуми и отпадни масла.
  • Го повикуваме Министерството за внатрешни работи да спроведе ограничување на обуките на автошколите од 9:30 до 14:30 и по 18 часот.
  • Го повикуваме Министерството за животна средина, Државниот инспекторат за животна средина и општините да извршат засилени контроли над инсталациите што се под нивни ингеренции.
  • Бараме од Министерството за внатрешни работи да ги зајакне контролите за почитување на забраната за движење тешки товарни возила чијашто крајна дестинација не е Градот Скопје, а кои се упатуваат да ја користат скопската обиколница, во согласност со поставената сообраќајна сигнализација.
  • Бараме од Министерството за внатрешни работи да врши зачестени контроли на издувните гасови на возилата што учествуваат во сообраќајот.

Градот Скопје ги советува граѓаните да не ги користат возилата без потреба, повеќе лица да се возат во едно возило, да се користи јавниот превоз и тоа да премине во навика без разлика на загадувањето, за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал, да се користи суво и чисто дрво без примеси од земја и од отпадоци, а печките на дрво да се користат и одржуваат според упатствата на производителот.