Не ги кажувајте овие работи кога треба да отпуштите вработен

181

Отказот е болно, но понекогаш неизбежно решение. Тоа важи и за вработениот што сака да си замени од моменталното работно место, но и за работодавачот кој поради некоја причина мора да отпушти вработен.

Доколку сте ги исцрпиле сите можности, сте му дале шанса на вработениот да се поправи, сте ги направиле сите можни пресметки за покривање на трошоците на компанијата… тогаш отпуштањето на вработениот или повеќе вработени треба да го направите поедноставно и безболно за сите.

Моравме од негде да почнеме

Вработените треба да бидат свесни за тоа во каква состојба се наоѓа компанијата, дали има некаков проблем, потешкотии во сервисирање на обврските, неможност да се покријат сите трошоци…, но ако веќе одлучивте дека е најдобро да го намалите бројот на вработени, тогаш тоа треба да биде последната мерка. Доколку на вработениот што го отпуштате, му кажете дека “мора од негде да се почне“, ќе почувствува дека тој е “жртвеното јагне“ и дека нема некоја друга посилна причина поради која останува без работа.

Подоцна ќе зборуваме за деталите

Ако имате аргументи поради кои едноставно не можете повеќе да го држите на работа, на вработениот треба да му ги предочите сите важни факти за неговото заминување. Не го одолговлекувајте разговорот, туку внимателно изберете зборови со коишто ќе му соопштите кои се причините поради кои отказот е најдоброто решение во тој момент.

Ти си одличен работник, но…

Секој треба да биде свесен за својот потенцијал, квалитетите и слабости со коишто располага. Доколку на вработениот сте му укажувале на грешките, сте вложувале во негов напредок, сте инвестирале во обуки и негово знаење и поголемо искуство, а не сте добиле никаков повратен ефект, тогаш не треба очајувате за таквиот работник. Можеби едноставно не се чувствува пријатно во средината каде што работи, па отказот ќе биде само отворање на нова и поголема можност за него. Затоа, бидете искрени со колегите во секоја ситуација, па не мора кога ќе се разделувате, да му ласкате дека бил одличен работник. Фактите нека бидат вашиот најсилен адут.

Одлучивме да те отпуштиме

Иако множината укажува на фактот дека повеќе луѓе се согласни за отпуштањето, сепак тоа не значи дека сте искрени со колегите. Наместо тоа, бидете фер и кажете дека тоа решение е најдобро и нема потреба од лажна скромност или прикривање. Најважно е да ја преземете одговорноста, па дури и да ги согледате последиците ако сте отпуштиле работник кој сепак заслужува втора шанса, што лесно ќе се рефлектира врз успехот на вашата компанија.

Фото: Freepik