Нов систем за електронска регистрација на залог во Централниот регистар

28

Во Централниот регистар е воведен нов систем за електронска регистрација на залог. Станува збор за инвестиција од 250.000 евра со која се надоградува Заложниот регистар, што е последен сегмент од втората фаза на проектот Едношалтерски систем.

Со електронскиот залог се подигнува нивото на работата во Заложниот регистар, што според премиерот Никола Груевски, е проект со кој се овозможува по електронски пат да се регистрира залогот и да се плати надоместот.

“Ги кратиме редовите на шалтер, го штедиме времето на корисници на услуги, го подобруваме квалитетот на услугата, а со тоа го олеснуваме водењето бизнис“, рече Груевски.

Системот за е-залог, како што рече в.д. директорот на Централниот регистар, Андреа Поповски, е пандан на постојниот процес на регистрација во хартиена форма.

“Разликата се состои во можноста целокупниот процес да се спроведе преку интернет без потреба од физичко присуство, само со примена на дигитални сертификати како средство за идентификација на подносителот“, рече Поповски.

Електронскиот залог е спроведен во соработка со Нотарската комора која е главен администратор на уписите во Регистарот.