Почнаа разговорите за воведување глобален данок за милијардерите

29

Финансиските претставници од најголемите светски економии неделава започнаа разговори за воведување глобален минимален данок за милијардерите, две години по историскиот договор кој покажа дека светот може да дејствува заедно за да постави минимална даночна стапка од 15 отсто за мултинационалните компании.

Според Даночната опсерваторија на ЕУ, супербогатите во големите земји плаќаат многу помалку данок на доход од обичните луѓе, а нивното богатство едвај се оданочува со максимум 0,5 отсто, пренесува Си-Ен-Ен.

Практиките кои се движат од нелегално даночно затајување до искористување на дупките во даночните системи или едноставно преселување во земји со пониски даночни стапки ги лишуваат владите од очајно потребниот приход во време на зголемен долг.

„Прогресивното оданочување е клучен столб на демократските општества“, им рече директорот на истражувачката група поддржана од ЕУ Габриел Зукман пред лидерите на самитот, посочувајќи дека даночните власти ширум светот не успеваат „соодветно да ги оданочуваат поединците со најголема способност да плаќаат даноци. ”

И минатомесечниот извештај на Оксфам наведува дека „во најголемите земји, вклучувајќи ги Бразил, Франција, Италија, ОК и САД, супербогатите плаќаат пониска ефективна даночна стапка од просечниот работник“.

Според Оксфам, речиси 80 отсто од милијардерите во светот живеат во земјите-членки на Групата 20.

Даночната опсерваторија на ЕУ предложи минимален глобален данок од два отсто на нетото богатство на милијардерите, вредноста на нивните средства по одбивањето на нивните долгови, што според него може да генерира годишен приход од 250 милијарди долари.

Ова е еквивалентно на половина од средствата што им се потребни на африканските земји секоја година за транзиција кон почисти извори на енергија.

Постигнувањето на таков договор во Групата 20, која ги вклучува САД, Европската унија, Кина, Индија, Бразил, Саудиска Арабија и Аргентина, меѓу другите, ќе биде тешко и може да потрае многу долго, наведува Си-Ен-Ен.

„Ова е само почеток на патувањето. Преговорите за минималниот данок за корпорациите траат со години. И на почетокот изгледаше утописки, а сега го имаме“, изјави за Си-Ен-Ен Квентин Паринело, висок политички советник во Даночната опсерваторија на ЕУ.

Професорот по економија на Универзитетот во Ворвик, Арун Адвани, вели, сепак, дека глобалниот минимален данок за милијардерите би бил покомплициран да се имплементира од оној воведен за корпорациите.

Според него, мултинационалните компании се со седиште во повеќе земји, што го олеснува одредувањето кои влади треба да бараат плаќање даноци, додека милијардерите се помобилни, што прави помалку јасно кои влади треба да го оданочуваат нивното богатство.