Просечна камата од 3,77% на вкупните кредити за корпоративниот сектор

19

Просечната каматна стапка на вкупните кредити одобрени на корпоративниот сектор, во октомври оствари месечно намалување од 0,03 процентни поени (п.п.) и изнесува 3,77%, покажуваат податоците на Народна банка.

Надолната промена се должи на падот кај сите компоненти: каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула и каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,04 п.п., соодветно) и каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула (за 0,01 п.п.). На годишна основа, оваа каматна стапка е пониска за 0,50 п.п.

Во октомври, каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор бележи зголемување од 0,22 п.п. на месечна основа и изнесува 4,04%. Притоа, месечниот раст произлегува од зголемувањето на каматните стапки на денарските кредити со и без валутна клаузула (за 1,46 п.п. и 0,10 п.п., соодветно), при пад на каматните стапки на кредитите во странска валута (за 1,22 п.п.). Анализирано на годишна основа, каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор оствари раст од 0,15 п.п.

Каматната стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор изнесува 1,23% и во октомври оствари месечен раст од 0,09 п.п. Зголемувањето е резултат на растот на каматните стапки на депозитите во странска валута и на денарските депозити со валутна клаузула (за 0,40 и 0,27 п.п., соодветно), при пад на каматните стапки на депозитите во денари без валутна клаузула (за 0,03 п.п.). Каматната стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор е пониска за 0,28 п.п. во однос на октомври 2019 година.

Овој месец, каматната стапка на новопримените депозити на корпоративниот сектор се намали за 0,07 п.п. и изнесува 0,67%. Анализирано според валутната структура, месечното намалување во целост произлегува од падот на каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула (за 0,59 п.п.), при раст на каматните стапки на денарските депозити со валутна клаузула и депозитите во странска валута (за 0,76 п.п. и 0,37 п.п., соодветно). Споредено на годишна основа, оваа каматна стапка е намалена за 0,45 п.п.

Во однос на претходниот месец каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата забележа пад од 0,02 п.п. и изнесува 5,51%. Надолната промена произлегува од намалувањето на каматните стапки на денарските кредити без и со валутна клаузула (за 0,03 п.п. и 0,02 п.п., соодветно), во услови кога каматните стапки на кредитите во странска валута бележат раст (од 0,03 п.п.). Оваа каматна стапка оствари намалување од 0,27 п.п. споредено со октомври претходната година.

Во октомври, просечната каматна стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата изнесува 4,49% и е пониска за 0,02 п.п. на месечно ниво. Месечната промена во целост е резултат на намалувањето на каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула (за 0,02 п.п.), при остварен раст на каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,13 п.п.) и непроменети каматни стапки на денарските кредити со валутна клаузула. Каматната стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата забележа пад од 0,57 п.п. на годишна основа.

Каматната стапка на вкупните депозити на домаќинствата, во октомври забележа минимален месечен пад од 0,01 п.п. и изнесува 0,95%. Надолната промена се должи на падот на каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула и депозитите во странска валута (за 0,01 п.п., соодветно), во услови кога каматните стапки на денарските депозити со валутна клаузула не бележат промена. Во однос на октомври минатата година, оваа каматна стапка е пониска за 0,30 п.п.

Во октомври, просечната каматната стапка на новопримените депозити на домаќинствата изнесува 0,87%, што претставува месечен раст од 0,09 п.п. Остварениот раст произлегува од зголемените каматни стапки на депозитите примени во странска валута и денарските депозити без валутна клаузула (за 0,12 п.п. и 0,10 п.п., соодветно). Втор месец по ред, не се евидентирани новопримени денарски депозити со валутна клаузула. Споредено на годишна основа, каматната стапка е намалена за 0,38 п.п.

Фото: Freepik