Роковите за отплата на кредити ќе бидат продолжени за најзагрозените граѓани во Шпанија

55

Банките во Шпанија се подготвени да го продолжат рокот на отплата на станбените хипотекарни заеми на ранливите домаќинства доколку нивните варијабилни трошоци се зголемат за повеќе од 30 проценти. Предлогот е дел од поширокиот сет на мерки насочени кон олеснување на товарот од повисоките каматни стапки и трошоците за живот на ранливите семејства.

„Домаќинствата кои не заработуваат повеќе од 24.300 евра годишно би имале право на продолжен рок за отплата на хипотекарниот заем“, рекол еден од изворите, а пренесува веб-страницата Poslovni.hr.

Предлогот до Владата беше претставен од банкарските здруженија, а ќе се однесува на хипотекарните заеми со променлива каматна стапка, договорени од 2012 година наваму, за финансирање на купување на прв имот. Роковите за отплата би се продолжиле само за заемите кои сочинуваат најмалку 40 отсто од приходот на целото домаќинство, кога ќе се земат предвид и каматните стапки.

По договореното продолжување на рокот, граѓаните би продолжиле да го отплаќаат заостанатиот износ на нови рати, како и пресметаната камата.

Нема податоци колку граѓани би можеле да аплицираат за продолжување на рокот на отплата, но директорката на здружението на потрошувачи Асуфин, Патриша Суарез, изјави дека малкумина граѓани го исполнуваат критериумот на горната граница на приходите.