Владата вети дека ќе се раздолжи со стопанството

19

Премиерот Никола Груевски, со цел економски тим, ги собра на едно место бизнисмените, сопствениците на акции и удели во компаниите и менаџерите на над 700 компании за да им ја презентира владината економска стратегија која требада биде патоказ како полесно да се справиме и да излеземе од кризата која ги тресе европските економиии.  Бизнисмените посебно ги расположи најавата на премиерот за враќање на долговите на државата кон компаниите.

„Донесовме одлука за елиминирање на проблемот на доцнење на плаќањата на државата кон стопанството. Почнувајќи буквално од утре, доцнењата во повратот на ДДВ и плаќањето на фактурите постапно ќе се намалуваат, а до крајот на фебруари 2013 година овој проблем ќе се надмине. Нашето ветување е дека до крајот на ноември ќе завршиме половина од оваа обврска, а до крајот на февруари проблемот ќе биде целосно елиминиран и наша цел е да не дојде до повторна појава на овој проблем“, најави вчера Груевски.

Тој додаде дека средствата за реализација на ова ветување се обезбедени.

„Светска банка најави подготвеност да ни помогне преку издавање специјална гаранција, со цел затворање на целиот буџетски дефицит за оваа и следната 2013-та година да биде со најмали можни трошоци, или поточно со камата на отворениот пазар од околу 4,5%. За нив е важно што Македонија и понатаму ќе остане макроекономски стабилна држава, и ќе биде помеѓу 4-5 најнискиот задолжени земји во Европа, а истовремено, ќе се елиминираат или сведат на минимум проблемите со задоцнетите плаќања од буџетските институции“, изјави Груевски, при тоа не потенцирајќи, уште еднаш, колку изнесува долгот на државата кон стопанството, ниту пак, со колку средства ќе ни помогне Светска банка. Премиерот додаде дека во примената на овој концепт се предвидува зголемување на буџетскиот дефицит за околу 1% оваа година и за 1% следната година, односно негово приближно на ниво од 3,5% буџетски дефицит во 2012, а исто толкав ќе биде дефициот и во 2013-та година, со тенденција на негово натамошно намалување.

Според Владата, можни се две сценарија. Првото е базичното макроекономско сценарио за очекувањата за бавно излегување на ЕУ од рецесијата и остварување на ниски позитивни стапки на раст во следните неколку години. Во ова сценарио, нашата економија ќе оствари нешто подобри резултати од просекот на европските земји, но стапките на раст на БДП оваа и следната година ќе се движат во распон од 1% до 2%, што е помалку од потенцијалниот раст на економијата. Второто сценарио се базира на проекциите за излез на ЕУ од кризата кон средината на следната година. Во тој случај економијата ќе може посериозно да ги почувствува резултатите од реформите за подобрување на бизнис климата и конкурентноста на економијата, иако и во тоа сценарио доминантен фактор ќе биде интензитетот на раст на европската економија. Според анализите на економскиот тим на Владата, и во двете можни сценарија, постојат очигледни ризици. Доколку постои неефикасност кај повеќето европски земји за усогласување мерките за враќање на довербата на пазарите на капитал, слабостите на еврото и евентуално продлабочување на рецесијата. Но, позитивно е што можеме да очекуваме ефекти од планираните странски директни инвестиции кои се во фаза на реализација или се најавени, да дојде до полн израз во следните години.