Во каква кондиција влегува глобалната економија во 2021

139
Пандемијата од Ковид-19 ја втурна глобалната економија во една од најлошите рецесии на сите времиња. Сè уште е неизвесно кога може да има целосно економско закрепнување.

Неодамнешните достигнувања со вакцините за коронавирус ги направија економските изгледи нешто подобри, но некои аналитичари велат дека потенцијалното бавно воведување на вакцини во земјите во развој може да го задуши враќањето на активноста на нивото на пред пандемијата.

Тие предупредуваат дека новите мерки за затворање во Европа, чија цел е да се спречи повторниот раст на бројот на заразени, може да го попречат економското закрепнување дури и на индустриски развиените земји, пишува CNBC.

“Откривањето на вакцината е силен поттик за закрепнување, но дури во 2022 година“, велат економистите од City Bank во декемврискиот извештај, додавајќи дека “во 2021 година сепак ќе има јасно подобрување“ во глобалната економија, делумно затоа што “не е тешко да биде подобра од 2020 година“.

Брзото ширење на коронавирусот, кој избувна во Кина на крајот на 2019 година, принуди многу земји на повеќемесечни блокади оваа година, што резултира со катастрофален пад на бруто домашните производи во скоро сите економии.

Така, според Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), годишниот пад во еврозоната во 2020 година ќе биде скоро 8%, Јапонија 5%, САД околу 4%, а само Кина ќе забележи раст од 1,8%.

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) проценува дека глобалната економија може да потоне за 4,4% оваа година, проследено со раст од 5,2% во 2021 година. Фондот предупреди, сепак, дека и покрај глобалната економска активност која започна да се опоравува во октомври, враќањето на нивото на пред-пандемијата ќе биде “долго, нерамномерно и неизвесно“.

Според Светската туристичка организација на Обединетите нации, повеќе од 150 земји и територии ги ублажија ограничувањата до први ноември, но многу ограничувања на прекуграничните движења сè уште се во сила.

Една од главните последици на економскиот пад предизвикана од пандемијата е силното губење на работни места на глобално ниво. Според извештајот на ОЕЦД, во некои земји негативните ефекти на Ковид-19 врз пазарот на трудот првично биле “десет пати поголеми од оние забележани во првите месеци од глобалната  финансиска криза во 2008 година“.

Според проценките на ММФ, највисоко ниво на јавен долг од скоро 140 % од БДП ќе има САД, потоа во еврозоната околу 98%, Кина 80% и земјите во развој 70%.

Фото: Freepik