55% од новите проекти за водород се во ЕУ

268

Оваа година, ширум светот беше најавено создавање на повеќе од 200 нови проекти поврзани со водород. 55 отсто од нив се во земја на ЕУ, рече претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лeјен на отворањето на Неделата на водородот во Брисел.

Во изјавата цитирана од прес-службата на ЕК, таа ја потврди желбата на заедницата да биде лидер во однос на водородот, кој се смета за клучен во транзицијата на тешката индустрија. „Ако сакаме да ги исполниме климатските цели, мора да го зголемиме производството на зелен водород до 10 милиони тони годишно до 2030 година“, додаде таа.

Земјите од ЕУ почнаа да инвестираат пред остатокот од светот во нова генерација електролизатори за производство на водород од обновливи извори на енергија. Како резултат на тоа, ЕУ сега поседува патенти и публикации за оваа технологија.

Еден од најголемите електролизатори во светот работи во Линц, Австрија, и е способен да снабдува фабрика за челик со зелен водород. Ова е чекор за декарбонизација на економијата, рече претседателот на Европската комисија.

Во својот говор таа даде уште еден пример за успешен иден проект во Европа – во Гронинген, северна Холандија. Во овој регион има доволно обновлива енергија од морските ветерни електрани. Со изградба на два електролизатори ќе се овозможи снабдување на индустријата во регионот со водород. До крајот на 2025 година, северот на Холандија ќе има целосно развиен синџир на снабдување со водород, што значи повеќе од 20.000 нови работни места во регионот.

Барања за „водородни долини“ има и од Мајорка, Словенија и Хрватска.

Развојот овозможува на технологиите да станат ефективни и конкурентни.
„Поради високата цена на природниот гас, зелениот водород сега може да биде поевтин од синиот“, рече Урсула фон дер Лејен.

Амбицијата на Брисел е цената на зелениот водород да достигне нивоа од околу 1,80 евра за килограм до 2030 година.

Но, каква е моменталната ситуација?

Според пресметките на Европската комисија од оваа пролет, цената на зелениот водород, кој се добива со одвојување на водата на водород и кислород со помош на струја, чини меѓу 2,50 и 5,50 евра за килограм. Цената на синиот водород, односно произведен од преработка на природен гас е 2 евра за килограм, а водородот од другите фосилни горива – нафта или јаглен – чини 1,50 евра за килограм.

Според Фон дер Лејен, сепак, создавањето на виртуелни кругови, каде понудата и побарувачката ќе се стимулираат меѓусебно, ќе ја намали цената.

„Постојат неколку чекори за да се постигне ова, и прво мора да има силно јавно финансирање за иновации поврзани со водородот“, рече Фон дер Лејен. Таа коментира дека треба да има меѓународна соработка за поддршка на создавање пазар на водород, како и длабоко партнерство со приватниот сектор и научниците.