Автомобилската индустрија се движи од Европа во САД и Кина

82

Високите цени на енергијата и бирократијата им пречат на производителите на автомобили. Затоа тие инвестираат сè повеќе и повеќе во САД, што промовира проширување на електромобилноста со значителни субвенции.
„Нема да го преселиме постоечкото производство во САД. Но, поверојатно е дека ќе ги изградиме следните фабрики во Америка. Постои ризик Европа да изгуби од оваа прераспределба“.

Оваа изјава на Клаус Розенфелд, шефот на Шафлер, четвртиот најголем германски производител на автоделови со повеќе од 80.000 вработени ширум светот, одразува важен тренд: автомобилската индустрија сè повеќе го преместува своето производство од Германија и другите делови на Европа во Кина и Северна Америка.

– Има многу причини зошто автомобилската индустрија ги напушта Германија и Европа – вели за ДВ, Стефан Шнебергер, менаџер во Berullys Strategy Advisors, консултантска фирма специјализирана за автомобилска индустрија. Главната причина за движење е скапата енергија. Цените на струјата во ЕУ се два до три пати повисоки отколку во САД.

– Но, за преселување говорат и построгите регулаторни барања на кои е изложена индустријата во ЕУ и Германија. А секако примамливи се и субвенциите кои моментално се нудат во САД – рече тој.

Сепак, овие милијарди субвенции се поврзани со климатските технологии како што е електромобилноста.

Поради плановите за преместување на производството, ќе опадне и бројот на автомобили што треба да се произведуваат во Европа во периодот од 2023 до 2029 година, според сегашната анализа на Берулис. Но, тој тренд, од друга страна, предизвикува многу попозитивни прогнози за другите региони во светот. Глобалното производство на возила дури се очекува да расте, иако послабо од предвиденото во 2021 година.

– Тековните прогнози ги покажуваат негативните ефекти од надворешниот шок предизвикан од војната во Украина, како и корекции на претерано оптимистичките прогнози од 2021 година со оглед на крајот на ограничувањата поврзани со пандемијата и кризата со чипови – објаснува Шнебергер.

Според анализата, во наредните години се очекува разлика во производството од околу четири милиони возила меѓу Германија и САД. Преместувањата, како оние што неодамна ги најавија Audi и Ford, би го засилиле овој тренд. Како резултат на тоа, се предвидуваат загуби до 100.000 директно засегнати работни места и пад на бруто домашниот производ (БДП) на Германија од 0,6 проценти во 2029 година.

Во овој контекст, проект менаџерот Шнебергер посочува дека важноста на автомобилската индустрија во Германија е поголема отколку во соседните европски земји.

– Овде нејзиниот удел е речиси пет проценти од БДП, што значи дека падот особено ќе влијае на германската економија. Дополнително, паѓа и конкурентската предност на германските производители на автомобили и автоделови, која најмногу се поврзуваше со мотори со внатрешно согорување – изјави тој.