Дали глобалната економија влегува во нова рецесија?

32

Во последните неколку месеци во јавноста имаше контрадикторни изјави за економската состојба во Америка каде од една страна американските власти тврдат дека нема причина за загриженост, а од друга страна се тврди дека рецесијата е речиси сигурна, можеби дури и депресија, се вели во анализата објавена во најновиот број на списанието Macroeconomic Analysis and Trends (MAT) со наслов „Дали светската економија влегува во нова рецесија“.

Исто така, се забележува дека зад спротивставените изјави се кријат индикативни трендови, а една од нив е намалувањето на бројот на вработени, кое започна паралелно со зголемувањето на каматните стапки на ФЕД во март, а забрзано во текот на годината, истовремено со предвидувањата за почеток на нова криза.

Во анализата се наведува дека Amazon отпуштил 100.000 луѓе во вториот квартал од оваа година, дека Ford отпуштил 8.000 работници во јули, а истото го прават и другите компании од автомобилската индустрија, па Rivian, производителот на електрични теренски возила, отпушти 840 луѓе, а Tesla 200 вработени.

Големи отпуштања се бележат и во финансискиот сектор, па така Coinbase отпушти 1.100 работници, додека JP Morgan најавува отпуштања за неколку стотици вработени. Meta и Twitter најавија отпуштања на стотици луѓе, а Netflix отпушти 300 вработени. Повеќето од нив како причини за отпуштањата ги наведуваат економската неизвесност, зголемените трошоци и зголемувањето на каматните стапки.

„Покрај показателите за реалната економија, пазарот на обврзници и берзата се најсигурни показатели за состојбата на економијата во економските кругови. Кризата најчесто се навестува со опаѓачка крива на приносите, феномен во кој разликите меѓу долгорочните и среднорочните каматни стапки се намалуваат речиси до нивото на изедначување или дури стануваат пониски за долгорочните кредити“, се наведува во анализата на МАТ.

Се нагласува дека станува збор за девијација на кривата на принос во опаѓачки, наместо во растечки правец и се толкува како сигнал што инвеститорите го испраќаат преку пазарот, дека економијата во иднина ќе биде слаба со присутна дефлација.

Дека пазарите очекуваат рецесија и покрај зголемувањето на каматните стапки од страна на ФЕД, покажуваат и цените на берзанските производи кои се во пад, како нафтата, златото, среброто, бакарот, пченицата, сојата, пченката.

Се наведува дека се сопнуваат и другите најголеми светски економии, па Кина го забавува својот раст поради затворањето на економијата, а Европа се соочува со најголемата неизвесност од Втората светска војна, енергетските проблеми и воен конфликт на нејзина територија.

Ликвидноста ја преплави целата економија и ја поттикна личната потрошувачка, што доведе до нов бран на економско прегревање.

Авторите посочуваат дека пазарите, без разлика на потезите на ФЕД, очекуваат рецесија, па се проценува дека најдоцна во четвртиот квартал на 2022 година ќе започне дезинфлација, која ќе премине во дефлација и рецесија. Во тој случај, ФЕД би можел повторно да ја промени својата политика и да продолжи со програмата за квантитативно олеснување и намалување на каматните стапки.

Според резултатите од анкетата, самите граѓани го изразиле своето незадоволство од актуелната економија и повеќето сметаат дека економијата ќе биде уште полоша во наредниот период.

Така, според истражувањето на јавното мислење кое го спроведува CNBC веќе 15 години, рејтингот на Бајден се намали за пет процентни поени во јули во однос на април 2022 година и изнесува 36 отсто, што е еден процент под најлошиот рејтинг на Трамп.

Поддршката за економската политика е уште помала и изнесува само 30 отсто, додека најлошите резултати на неговите претходници Трамп и Обама биле 41 отсто и 37 отсто. Поголемиот дел од испитаниците, 52 отсто од нив, сметаат дека економијата ќе биде уште полоша во наредниот период, а 22 отсто дека ќе се подобри.

Истражувањата, исто така, покажуваат дека 78 отсто од Американците стравуваат дека ќе ги загубат своите работни места и дека 56 отсто не се финансиски подготвени за претстојната рецесија, што значи дека пад на потрошувачката може да се очекува веќе во блиска иднина, што директно води до економска контракција, се наведува во анализата на МАТ, посочувајќи дека овие резултати покажуваат најголем песимизам во последните 15 години.