НБРМ предвидува оваа година да заврши со економски раст од 0,5%

17

rast-zlatno-pixabay

Фото: Pixabay

Народната банка на Република Македонија направи надолна ревизија на очекуваната стапка на раст за 2017 година од 2,5% на 0,5%, додека стапката за 2018 година останува на ниво од 3,2%, утврди Советот на НБРМ.

“Надолната корекција на очекуваниот економски раст за 2017 година е одраз на остварувањата во првата половина од годината, кога економската активност забележа пад, наспроти очекуваниот раст во априлската проекција. Ова отстапување во најголем дел е последица на помалата инвестициска побарувачка, но и на поизразените увозни притисоци. Сепак, се смета дека ваквото поместување е привремено, при што веќе во втората половина од годината, согласно со постепеното исцрпување на неизвесноста од домашните политички случувања, враќањето на довербата на инвеститорите и подобрените очекувања на економските субјекти, се очекува раст на БДП. Под претпоставка за целосно стабилизиран домашен амбиент и поповолна патека на надворешните фактори, во наредните две години се очекува забрзување на растот, при што и понатаму се очекува домашната економија да расте побрзо од економијата на трговските партнери“, велат од НБРМ.

Главни фактори за растот, како и во претходниот циклус проекции, остануваат активноста на новите странски капацитети ориентирани кон извозот, јавните инвестиции во патната инфраструктура, чијашто динамика би требало да забрза, по забавувањето во 2017 година, како и стабилните очекувања на домаќинствата.

Се очекува кредитната активност на банкарскиот сектор во периодот на проекции да биде важен фактор на поддршка на растот на приватната потрошувачка и на инвестициите. Во 2017 година, во услови на забавување на темпото на раст на депозитите кои се основен извор на финансирање на кредитната активност и пролонгирана неизвесност, беше забележано умерено забавување на растот на кредитите, чиешто темпо е нешто послабо од очекуваното.

Така, за 2017 година, согласно со остварувањата од почетокот на годината направена е мала надолна корекција кај кредитите на приватниот сектор, при што кредитниот раст е проектиран на 4,6%, наспроти 5,2% со априлските проекции. Кредитниот раст во 2018 година не претпре поголема промена, при што се оценува дека ќе изнесува 7,2%, наспроти 7,1%, во април. Во 2019 година се очекува забрзување на растот на кредитната активност на 7,6%. Оваа проекција е заснована врз оцените за здрава солвентна и ликвидносна позиција на банките, исцрпување на неизвесноста од домашното окружување, како и на очекувањата за подинамичен раст на депозитната база. На страната на депозитите, во 2017 година при послаби остварувања, депозитниот раст е проектиран на ниво од 3,6%, наспроти 4,2% во априлската проекција. Сепак, со натамошното стабилизирање на очекувањата на економските субјекти и пораст на економската активност во текот на наредните две години, се претпоставува зголемување на потенцијалот и склоноста за штедење во банките, а оттука и забрзување на растот на депозитната база од околу 6% како во 2018, така и во 2019 година.