Вработени во Мета примале поткуп, помагале да се хакираат профили

54

По неодобреното користење на алатката за враќање на пристапот до профили, компанијата Meta отпушти или дисциплинираше повеќе од 20 вработени.

Вработените во Meta веќе извесно време имаат пристап до внатрешниот систем за враќање на кориснички профили. Употребата на оваа алатка драстично се зголеми во последните неколку години, овозможувајќи пристап за сè повеќе луѓе. Сепак, Марк Цукерберг и неговата компанија се чини дека ја прекинуваат практиката, наводно поради злоупотреби во рамките на услугите за корисници на Facebook.

Како што пренесува Wall Street Journal, анонимни извори тврдат дека компанијата Meta отпуштила или дисциплинирала над 20 вработени за неправилно преземање кориснички профили минатата година.

Во некои случаи, хакери поткупувале луѓе за да добијат пристап до туѓи профили.

Некои инциденти вклучуваа помагање на пријатели и членови на семејството да ги вратат нивните профили на Facebook и Instagram, откако службата за помош на корисници не беше достапна преку официјалните канали. Сепак, имаше и помалку „другарски“ инциденти во кои поранешни вработени задржаа директен или индиректен пристап до оваа алатка, која ја користеа за пристап до корисничките профили.

Во еден пример, работник, кој беше отпуштен од Meta во 2021 година, им помагал на други да ги преземат профилите на Instagram откако тој ја напуштил компанијата. Поранешниот вработен тврдеше дека само им помагал на околу 20 пријатели и членови на семејството да го вратат пристапот до заклучените профили, по што Meta го блокираше од своите платформи и го тужеше за кршење на федералниот Закон за компјутерска измама и злоупотреба.

Посредниците заработувале и така што, благодарение на нивните врски со луѓе во компанијата, договарале преземање или враќање на профилите, што е спротивно на правилата за користење. Една манекенка, наводно, му платила на посредник 7.000 долари за да го врати пристапот до нејзиниот Instagram профил со 650.000 следбеници.

Во сржта на проблемот е алатката Online Operations, внатрешно позната како Oops. Оваа алатка требаше да се користи во екстремни случаи и не е наменета за обични корисници. Meta планираше да ја користи Oops само за да им помогне на познати личности, деловни партнери или пријатели и членови на семејствата на вработени. Употребата Oops значително порасна со растот на работната сила – помеѓу 2017 и 2020 година, бројот на Oops барања се зголеми повеќе од двојно, од 22.000 на 50.270.