Добивка од 30,5 милиони денари за ТТК Банка

136

ТТК Банка во првите шест месеци од оваа година оствари добивка од 30.517.000 денари, покажува билансот на успех објавен на Македонска берза.

Во истиот период лани, банката прикажа добивка од 56.716.000 денари.

“Финансискиот резултат за периодот јануари – јуни оваа година изнесува 30,5 милиони денари, што е за 26,2 милиони денари или 46,2% понизок во однос на истиот период минатата година, како резултат, во најголем дел од пониската капитална добивка од продажба на преземени средства како и од падот на пазарната цена на портфолиото за тргување во изминатиот период“, стои во Коментарот за остварените финансиски резултати.

Нето приходите од камати претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето на Банката. Остварените нето приходи од камати во периодот од 1.1.2020 до 30.6.2020 година, како што се наведува, изнесуваат 135,2 милиони денари и бележат пораст од 2,6 % во однос на истиот период минатата година, што главно произлегува од секторот домаќинства. Планираните нето-приходи од камати се остварени со 98 % од Финансискиот план.

Нето приходите од провизии и надоместоци за услуги во тековниот период изнесуваат 61 милиони денари и се пониски за 7,1% во однос на минатата година, главно како резултат на намалена економска активност на клиентите во услови на криза (намалени приходи од платен промет во земјата и странство, провизии за кредитирање и брокерско работење). Нето-приходите од провизии и надоместоци за услуги се остварени со 99,3 % од планираните за овој период.

Фото: Freepik