Кога една банка може да ја изгуби дозволата за работа?

334

Гувернерот со решение ја укинува дозволата за основање и работење на банката или дозволата за статусни промени во одредени ситуации коишто се одредени со Законот за банките.

Меѓу причините поради коишто една банка може да ја изгуби дозволата за работа може да бидат: дозволата е добиена врз основа на невистините податоци; банката не го усвои статутот во рок од 30 дена од денот на добивање на решението; банката не поднела пријава за упис во трговскиот регистар во пропишаниот рок; банката не започнала со работа во рок од 90 дена од издавање на дозволата за основа и работа; банката врши финансиски активности за кои не добила дозвола, односно согласност од гувернерот; банката не ги исполнува техничките, организационите, кадровските и други услови за извршување на банкарските активности; банката не извршува банкарски активности подолго од шест месеци; банката е вклучена во перење пари или други кривични дела; се исполнети услови за воведување стечајна или ликвидациона постапка; заради покривање на загуби почетниот капитал на банката се намалил под законското ниво; банката не ги спроведува или постапува спротивно на мерките изречен од страна на Народната банка…

Според законот, од денот на донесувањето на решението за укинување на дозволата за основање и работа, до денот на правосилноста на решението на судот со коешто се отвора стечајна постапка кај банката, односно до денот на уписот на ликвидаторите во трговскиот регистар, банката се исклучува од платниот промет и престанува со извршување на сите активности, освен наплата на побарувањата.

Народната банка е должна во средствата за јавно информирање и на нејзината интернет страница веднаш да го објави решението за издавање, односно укинување на дозволата за основање и работење на банката.

Услови за воведување стечајна постапка во банката постојат кога: банката е несолвентна; се утврди дека банката е несолвентна или во постапката на ликвидација на банката се утврди дека нејзиниот имот не е дозволен за исплата на сите побарувања на нејзините доверители.

Предлог за отворање стечајна постапка на банка, според законот, до надлежен суд може да поднесе само гувернерот. Предлогот за отворање на стечајна постапка на банката до надлежниот суд се поднесува првиот работен ден од денот на донесување на решението за исполнување на условите за отворање стечајна постапка во банка.

Фото: Freepik